ДЕЖА ВИ

0
165

„Оскарите“ и меѓусебните обвинувања на филмските работници се она што повторно го одбележа изминатиот период, во текот на кој сите земји низ светот ги пријавуваат своите национални кандидати во трката за „Оскар“ за странски филм. Но, во нашата земја, во која има толку скромна (да не речеме слаба во секој поглед) продукција повторно се „кршат копја“, се случуваат скандали и се обвинуваат едни со други како да имаме којзнае што да понудиме и како да сигурно ќе го добиеме „Оскарот“, па борбата е кој да го добие. Дежа ви, но она што е најинтересно, со истите протагонисти??? Да не е смешно, навистина ќе биде многу, многу тажно.

Некако излегува дека уште малку, па ќе почнеме секоја година да пишуваме за овие небулози. Пред 5/6 години настана голем скандал кога поранешниот директор на Агенцијата за филм, Дарко Башески, ги обвини филмските работници дека ја задоцниле пријавата за тогашниот кандидат и дека не се знае дали на време стигнала копијата во Лос Анџелес за филмот на неговиот фаворизиран режисер, Владимир Блажевски, „Панкот не е мртов“.

Пред 3/4 години се случи сосем иста ситуација како годинава, кога комисијата во која беше и продуцентката на годинешниот одбиен филм, Лабина Митевска, не ја одобри кандидатурата за „Превртено“ и „Балканот не е мртов“ поради „темите кои се третирани во тие филмови и начинот на кој се прикажани“. Тогаш се случи таква ужасна преписка меѓу филмските работници по медиумите, на која реагираа буквално сите, па дури и оние кои не се занимаваат со филм воопшто. Сега преписката не отиде толку ниско, но Митевска која тогаш тврдеше дека: „Друштвото на филмски професионалци има обврска да негува и промовира врвни уметнички вредности“, сега не е задоволна со образложението дека „Кога денот немаше име“ и „Златна петорка“ не ги исполнуваат естетските и наративни критериуми.

Веќе пишувавме дека одлуката ја сметаме оправдана, но не и другото. Не и манипулацијата, поделеноста меѓу филмските работници, формирањето групи на оние кои мислат дека од нив се почнува и завршува. Ние сме скромна кинематографија која дури и здружена во овие услови и исполитизирани критериуми многу тешко може да оди напред. А уште помалку вака поделена. Но, тоа трае, исто како што траеше и т.н. „груевизам“, токму поради луѓето, поради нивната корумпираност, приклонување и линија на помал отпор. Затоа, дури и кога истото ќе ги удри по нивна глава, тешко доаѓа до освестување. Затоа оваа состојба ќе трае, бидејќи, за жал, ја има поддршката од фелата.

Сунчица Уневска

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here