Делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, по повод 57-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, денес положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.

И делегација на Владата, предводена од заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, а во чиј состав беа и министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска,  положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот кој го погоди Скопје во 1963 година.

Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од 6,1 степен по Рихтерова сеизмичка скала (9 степени по Меркалиевата скала), во 5:17 часот на 26 јули 1963 година. Овој земјотрес, кој траеше 20 секунди, однесе 1070 човечки животи, дополнително беа повредени најмалку 3 илјади лица, а околу 200 илјади Скопјани останаа без покрив на главата.

Главниот град на Република Северна Македонија, по земјотресот, стана симбол на солидарноста во светот. Во процесот на обнова на Скопје, точно 87 нации од светот испратиле помош со која придонеле тој да се изгради повторно, а поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Почит кон загинатите лица во земјотресот одадоа и градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, делегации од Собранието, претставници на Армијата, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во нашата земја и семејствата на жртвите. А.Р.