Денес низ светот се слави Меѓународниот ден на жената како дел од борбата за економска, политичка и социјална рамноправност меѓу жените и мажите. За прв пат, Денот на жената беше одбележан на 28 февруари 1909 година, во САД со Декларацијата донесена од Социјалистичката партија на Америка.

Идејата за одбележување на Меѓународниот ден на жената се појави во почетокот на 20 век во време на брзата индустријализација и економска експанзија, која честопати доведуваше до протести поради лошите работни услови. Жените во индустријата за облека и текстил јавно за прв пат протестираа на 8 март 1857 година во Њујорк поради лошите работни услови и ниските плати. Демонстрациите ги растера полицијата, а жените два месеци подоцна формираа синдикат. Осмомартовските протести станаа традиција во наредните години, а најмасовни беа во 1908 година кога 15.000 жени маршираа низ улиците на Њујорк барајќи скратено работно време, подобри плати и право на глас.

Првата меѓународна женска конференција се одржа во 1910 година во Копенхаген, во организација на Социјалистичката интернационала, кога е востановен Меѓународниот ден на жената, на предлог на Клара Цеткин, кој беше член на Германската социјалистичка партија. Следната година, Меѓународниот ден на жената беше одбележан во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

Демонстрациите по повод Меѓународниот ден на жената во Русија беа првата фаза од Руската револуција. По Октомвриската револуција, болшевичката феминистка Александра Колонтај го  убеди Владимир Илич Ленин 8 март да стане државен празник, и за време на советскиот период се користеше за одбележување на „херојството на работничките“. Меѓутоа, во многу комунистички земји, тој празник ја изгуби својата идеолошка основа и стана можност мажите да ја искажат својата љубов и почит кон жените.

ОН во 1975 година која беше прогласена за Меѓународна година на жените, официјално почна да го одбележува овој празник под назив Меѓународен ден на жената. Две години подоцна, Генералното собрание на ОН со резолуција го прогласи 8 март за Ден на женските права и меѓународниот мир.