По повод Меѓународниот ден на толеранција на прогласен од ОН – 16 ноември, истиот ден 16 ноември, со почеток во 12:00 часот, во Кинотека на Северна Македонија ќе се одржи настан за меѓуетничка и меѓуверска толеранција, под мото „Чекориме заедно“ со главна тема соживот.

Настанот е во организација на „Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа“, кој по шести пат организира активности за одбележување на овој ден.

Настанот ќе започне со проекција на краткометражниот филм „Награда“ напишан и режиран од Лидија Мојсовска, кој обработува теми поврзани со етничките и верските предрасуди и потребата за толеранција помеѓу различните заедници.

По филмот ќе следи трибина и дискусија која ќе биде модерирана од Елена Гаговска, граѓанска активистка и фриленс новинарка/писателка, а соговорниците ќе бидат луѓе кои се истакнати во полињата на образованието и граѓанскиот сектор:
– г-ѓа Виолета Георгиевска, менаџер на програмата за развој на деца и поранешен директор на СОС детско село;
– г-ѓа Тамара Ќупева, Научен соработник во Институт за македонска литература, УКИМ и долгогодишен професор во средно училиште;
– г-н Насер Мифтари, професор по историја при СУГС “Зеф Луш Марку”-Скопје, долгогодишен просветен работник и граѓански активист;
– г-н Кенан Таир, комуникациски координатор од граѓанската организација за правата на Ромите „Ромалитико“.

На настанот ќе присуствуваат ученици и наставници од различни средни училишта со цел да се подигне свеста кај младите за меѓуетничка и верска толеранција. Настанот е отворен за јавноста.