Десеттото Културно – забавно лето „На зајдисонце“ ќе се случува од утре, 20 јули до 28 јули во Трпејца во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“.

Летото се очекува да го прогласи за отворено Ристе Николески, заменик градоначалник на Општина Охрид која е покровител на манифестацијата сите овие години. Манифестацијата по втор пат е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, како и од други бројни спонзори и помагатели.

Во чест на десетгодишнината ќе биде прикажан и видео материјал под наслов „Ние на зајдисонце“. Вечерта ќе биде заокружена со концерт на познатите „Силви Бенд“.

Следните седум дена трпејчани и гостите ги очекуваат средбите со Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, со авторите на Рибарскиот алманах проф. д- р Теон Џинго, доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и презентерот Славчо Новески, како и настанот работно насловен: Еден поглед на Трпејца од ономастички аспект со проф. д-р Мери Јосифовска.

Десеттото „На зајдисонце“ се вклучува во одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески со вечер насловена: „Поезијо чувствата ми ги будиш“ на која со избор од поезија од Конески и од други домашни светски поети ќе настапат: Марија Кондовска, Симон Јаковлев – Писин и музичарот Лео Спасески – Охридски ( синтисајзер).

На листата на учесници се и младите Христијана Матеска – хармоника и Марија Џуклеска – виолина. Тие ќе настапат на Вечерната променада наречена „Со кајче по езерото“ а во Трпејца свои концерти ќе одржат дуо BLACK MOON , бендот БРОЗ, Градскиот хор „Вокс Лихнидос“, ансамблот БИЛЈАНА  и пејачката група и оркестар од ФА БИСЕРИ од Охрид.

Од културните настани во рамките на летото се и традиционалната изложба на дела од Ликовната колонија „Трпејца 2020“ и настанот „Цртаме на зајдионце“.

Во рекреативниот дел се традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ и Малиот пливачки маратон помогнати од Асоцијацијата СПОРТ ЗА СИТЕ и традиционалната прошетка по патеката Чоколско.

Организаторите си посакуваат само многу публика и ведро време бидејќи сите настани се под отворено небо и бесплатни за сите.  Вечерните настани започнуваат од 20.30 часот.