По напливот на пациенти со позитивен тест на КОВИД 19 и преполнување на болниците во Скопје, МЗ донесе одлука и детската болница Козле да се оспособи за прием на пациенти со ковид-19. Како што соопштија од Министерството за здравство, на располагање ќе бидат 60 легла за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од ковид-19 кои ќе бидат со полесна и средна клиничка слика.

Болницата вчера се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективна клиника и од внатрешноста и од денес е ставена на располагање на пациентите.

Во моментот во оваа болница се сместени 3 деца сомнителни на ковид-19, чии резултати од тестови се чекаат, а од денес детската болница Козле ќе врши прием и на возрасни пациенти.

Покрај Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, болницата „8-ми септември“ која функционира како ковид – центар, сомнителни и заболени пациенти од ковид-19 се лекуваат и во болниците во Тетово, Битола, Штип, Куманово, Велес, Прилеп и Охрид.

Според податоците од Министерството за здравство, заклучно со денеска во болниците во земјава има 364 пациенти, од кои 7 се на респиратор.

Н. С.