Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, 9 мај, Музејот на Република Северна Македонија го одбележува со промоција на изложбата „На Срем“, посветена на борците од Македонија кои учествуваа во завршните операции за победа над фашизмот.

-Изложбата, најпрво, ќе може да се погледне во дигитална форма на нашата нова електронска платформа „izlozba.mk“. Денешниот датум, воедно, претставува и убав повод за презентација на оваа нова дигитална алатка, на која посетителите ќе можат да ги проследат нашите тековни и идни изложби – посочуваат од Национална Установа Музеј на Република Северна Македонија.

На над 120 фотографии, селектирани од богатата фото документација зачувана во Музејот, низ слика и текст, изложбата го следи борбениот пат на македонските единици, офицери и борци и нивните премрежја на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија и за победа над фашизмот, во последните месеци од Втората светска војна. На тој начин, уште еднаш, се навраќаме на споменот на овие настани и се истакнува придонесот на нивните учесници во крајот на војната како значаен македонски придонес во заедничката ослободителна и антифашистичка борба.

Истовремено, во Музејот се одвиваат и завршните подготовки за инсталација на изложбата во живо, која, почнувајќи од 18 мај, заинтересираните посетители ќе можат да ја погледнат и со нивното физичко присуство. А.Р.