Пијанистката и професорка во средното музичко училиште МБУЦ “Илија Николовски Луј”, госпоѓа Дилек Реџеп, е урнек на жена која знае кога треба да ги покаже своите емоции во уметноста, а кога да биде борбена како жена. Разговаравме токму на таа тема.
*Жените во уметноста се или инспирација, или, создавателки на истата. Ако се прошета низ историјата ќе се види дека речиси секое дело потекнало од убавината на некоја жена, или поради љубов кон неа. Кое такво дело Вам ви оставило најсилен впечаток?
-Да секако е инспирација, но не би можела да издвојам посебно, бидејќи има многу и од минатите векови и од сегашно време. Посебно ме инспирирало инспирацијата од убавите жени во музиката кај владејачките династии, во нивните дела и слики, архитектури. А убавината на жената е различно сфатена во разни култури, тоа што некаде е убава, некаде не е, се зависи од критериумите кои се различни од култура до култура.
*Многу од жените кои се опеани, насликани, запишани, се соочувале со некоја чудна и не ретко трагична женска судбина. Тоа ги провоцирало авторите. Како уметноста да е поврзана и со болка, како тоа да е основата на многу нешта. -Да, така е, бидејќи болката додава емоции во сѐ. А бидејќи луѓето уметници многу подлабоко ги доживуваат нештата, отвораат други хоризонти кои емотивно допираат до публиката, освен празната техничка совршеност.
*Денес жените се повеќе создавателки. Што ги мотивира нив, во новата ера?
-Конечно дојдоа до остварување до некакви права и образование, и бидејќи се инволвирани во многу сфери во животот конечно се осмелија да го откриваат својот вистински идентитет што во минатите векови заради религиите не ѝм било дозволено, па морале да одат под псевдоними.
*За една жена за создава во областа на музичката уметност, односно на изведбата на класично дела, безусловно мора да вежба, да е дисциплинирана и да е со здраво тело и дух. Дали, доколку во заднина се соочува со проблеми, насилство, лично жртвување, се одразува на нејзината кондиција и посветеност и тоа лесно се препознава?
-Така е, мора тотална посветеност, со здраво тело и здрав дух и дисциплина. Доколку се соочува со насилство во бракот тоа со време станува невозможно и лесно се препознава и гледа и психичкото и физичкото. Но има и многу семејства кои исто не ги подржуваат своите ќерки во уметноста заради полови предрасуди и тоа дополнително ја отежнува ситуацијата.
*Два моменти се посебно битни кога жената е жртва, или да се откаже од креирањето на уметност и да се повлече во себе, или да ја разбуди и ја засили својата борбена страна и сѐ што има како потенцијал да го внесе во изведбата, да брилира. Кој од овие два моменти е поприсутен кај жената денес, што мислите Вие?
– Тој момент е многу присутен, како реакција на претходно споменатото, и будењето на својата борбена страна прави од неа еден неуморен борец и ја мотивира да брилира.
*Велат жените кои поминале низ најсилни огнови имаат најпривлечна насмевка, а уметниците кои поминале низ истото имаат најстрастна изведба и уживаат во тоа. Така е?
-Многу добро кажано. Така е!
*Сепак многу авторки биле најпродуктивните во моментите кога најсилно страдале, како сликарката Фрида Кало, на пример.
-Така е, зашто во тие моменти се чувствуваат како ништо друго да не ѝм преостанало на овој свет, уметноста е единственото што им преостанува да се искажат себе си. Но сметам дека ако сте емотивна личност и ги покажувате емоциите во свирењето не треба да ве повредуваат доколку искажувате емоции во уметноста.

Ва. Ѓ. Парго