Земјава бара пренасочување на средствата од ИПА фондовите за да може да ги користи како средства за борба против корновирусот, информираше на прес конференција министерот за надворешни работи Никола Димитров.Тој потенцира дека пред 2-3 дена е упатено писмо до еврокомесарот комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, а синоќа разменил и неколку пораки и со Кристијан Даниелсон од тој Генерален директорат, а се разговара и со многу земји членки.

Вчера Eвроамбасадорот Самуел Жбогар, потсети шефот на дипломатијата, имаше средба со премиерот Оливер Спасовски.

– Бараме пренасочување од ИПА фондовите за да можеме да ги користиме како средства за борба против КОВИД-19. Ние за годинава, беше најавено, добивме 50 милиони евра награда за реформските постигнувања, има едни осум милиони евра од минатата година и правиме напори овие средства да можеме да ги користиме во оваа кризна ситуација и истовремено праќаме спецификации на медицинска опрема до сите пријатели, и ЕУ земји членки и НАТО сојузници – појасни министерот Димитров.

Во врска со одобрената помош од ЕУ за Србија од седум милиони евра и каде е Македонија, министерот Димитров потенцира дека ќе има помош за целиот регион.

– Кај Србија се работи за еден договор што тамошната делегација го имала со УНДП и средствата се пренасочени за борба против коронавирусот и воопшто кризната ситуација. Ние сме во постојана комуникација, имаме испратено барања. Вчера меѓу другото и во тој контекст имав размена на пораки со комесарот и со други претставници на ЕК и ЕУ. Целиот регион ќе биде вклучен бидејќи географски сме во рамки на Европската унија – рече Димитров. А.Р.