четврток, април 25, 2024
домаЖивотСценаДИЏЕЈ ПАРТИМЕН: Јас сум цар продуцент, но, простете што не се снајдов...

ДИЏЕЈ ПАРТИМЕН: Јас сум цар продуцент, но, простете што не се снајдов во далаверите!

Диџеј Партимен, алијас Влатко Гроздановски, име кое е пионер на технохаус музиката кај нас. 25 години, приврзаник на овој тип музика.  Активен, а повлечен. 
Сериозно, конструктивно, отворено, искрено, без задршка, но и со заслужената иронија ги коментира состојбите. Се враќаме до самиот почеток. 
*Како почна вашата приказна во музиката, што ве поттикна?
-Малку пред осамостојувањето на Македонија се моите почетоци на сцената. Поточно, од 1990 кога почнав со рап и денс музички продуцентски активности, на сцена која мораше да се креира од нула, и за да не има во поголем број им помагав и на сите други таленти да направат песна во моето таканаречено студио, а јас сето тоа го правев без пари да не седиме за џабе. 
*Кога се навраќаме наназад, низ разни периоди, некои поактивни некои попасивни, сработивте доста теми. Кои би ги издвоиле?
– Јас бев прилично активен од 1990 па некаде до 2001 но, потоа, поради некои здравствени причини се држев на страна од сцената, но никогаш не престанав со продуцирање музика и помагање на другите мои пријатели музичари кои активно си работеа. Па, 
од песни би ги издвоил песните хитови за Силви бенд – “Ме полудуваш” и “Ластовица”,   за “Пис брадерс” – “Мрдни го газот” и “Идиоти”, за Анета Наковска – “Не ми требаш ти” ,  за Анита Стоева – “Биди со мене” …Песни кои не би биле тоа што се ако не бевме на иста фреквенција со текстописците, а и се разбира поради ксметот, популарноста и професионалноста на изведувачите. Имав и уште некои други убави песни, но на  крајот на 2005 татко ми имаше мозочен удар и остана потполно парализиран од негрижа на докторите од државна болница, ургентна медицина, кои цели 8 саати го оставија да лежи во ходник на количка, без да му помогнат на било каков начин, па така да после тоа јас уште 8 години морав сам да се грижам за него. 
*Соработувате и со други музичари, да ја споменеме и “Денс машин”, а ваши песни се пееле на фестивалите. Вашата музика со уште еден познат диџеј во “Ту крејзи диџејс” се слушна и надвор…
– Не сум соработувал со други музичари од музичи аспект, туку сум помагал во технички работи како микс и мастеринг. “Денс машин” е моја група. Имам неколку мои песни испеани на “Евро фест”, а на другите фестивали никогаш не сум дал песна…Јас секогаш работам, но имам многу голем застој во издавањето песни. Имам направено преку 100 песни во последниве 6-7 години а тоа се практично 10 албума, штом ќе ги средам работите треба да најдам некоја издавачка куќа и менаџер. А, “Ту крејзи диџејс” (со мене) беше неуспешен обид поради менаџерот кој не си ја вршеше работата како што треба…
*Од правецот што го владеете, да извлечеме еден општ заклучок, каква е генерално состојбата со техно хаус музиката кај нас? Но, внимавајте, зборуваме за оригинално направени музички теми, не за налепени семплови.
-Не ми е познато дека некој друг освен мене работи таква музика кај нас (мислам на техно и на хаус или комбинација тек-хаус) а и да направил некој една, две, чудо големо. Не ги бива, дигаат само непотребна прашина. А, лепачите на семплови ќе ги препознаеш по тоа што издаваат по 3 албума во годината и за 10-15 години имаат 30 албума и се попродуктивни од сите наши и најпознати светски ѕвезди заедно. Во нивните аранжмани има такви виртуозни елементи (готови семплови и идеи свирени од 100 пати поталентирани музичари од сите нас заедно на естрадата) а тоа ти е како да имаш цела филхармонија музичари, специјалисти по својот инструмент секогаш на тацна, секогаш подготвени да ти отсвират во твоето студио, а такво чудо не може да постои затоа што скапо чини …А семпл пакетите се толку ефтини што станува и многу смешно, 10-20-30 евра за цели музички проекти т.е. песни отсвирени по канали така да тие опасни музичари што ги користат стануваат преголема и пресилна конкуренција, сето тоа со некоја туѓа музика што на народот слушателот ја претставуваат како своја а тој како „теле“ слепо им верува и ги слуша и дури им дава поддршка, наше а светско хахаха…Дај да го видиме музичкиот проект или да не се замараме со нив нека ги извадат семпловите и да видиме што ќе им остане оригинално…Е затоа Партимен е цар,  и да вадиш и да ставаш тоа е мојата музика, секоја нота секој ритам отсвирена, програмирана…Јас како што порано кажав користам само по некое семпл вокалче одлепено залепено, но тоа нема врска со идејата на оригиналниот автор што го креирал така да музичката идеја и аранжманот се чисто мои.
*Заработката? Тоа е она што ги мачи нашите автори. Не сите, некои најдоа финти и живеат како бубрег во лој. Вие како би ја прокоментирале  оваа ситуација?
-Секоја чест браво за нив, јас не успеав да се снајдам во далаверите. Ни во тие што ги правеа со државата кога земаа за секоја песна по 3-4000 евра, а имаше и некои на годишно ниво што земаа по 30. 000 евра, ни во сите други, со такви таленти јас не можам да се натпреварувам.
 *Музичарите, имаат, ама како да немаат  здруженија. Што треба да се менува, погледнато од аспект на плоден, а недоволно искористен/платен автор? 
– Музичарите немаат здруженија,  продуцентите сите се искомплексирани и си работат сами за себе, сами си се менаџираат, потплатуваат се по список по радија, тв, одат по теркот да му цркне козата на комшијата, а за моја 30 годишна работа досега не ми се јавил никој да ми нарача да правам песна за фестивал или па некој друг. 
*Па како повеќе да се цениме себе си, нашата музика? 
-Тоа едноставно не е можно да се оствари зошто македонскиот менталитет за овие 2-3 децении убаво си го покажа лицето, се поради вмешаност на политиката во секој сегмент од животот. Ги укинаа сите забавни музички емисии, а и да имаш нова песна нема никаде да те викнат ако не си пријател од таа некоја си партија на власт, или опозиција. Останаа само неколку народни емисии демек еве има нешто. Мерка за квалитет е странската музика и македонецот или ќе ги прати светските трендови или може да се слика, така што кога некој ќе каже “наше, а светско” јас најмногу се смеам… Но, еве еден мој предлог да се отвори една генерална издавачка куќа со сите салтанати, не е важно приватна или државна само да е официјализирана и легална…Така што секој музичар талент кој работи, кој има направено некое музичко дело, се разбира, со пропишан квалитет да би можел да конкурира без разлика на музичкиот правец т.е. делото да му биде официјално издадено и се што следи понатаму.
*Битно е и како да се заштитиме од одлевање на домашни пари за неквалитетни од надвор дојдени ѕвезди?
 – Прашајте го министерството за култура, прашајте ги авалон продукција… 
Валентина Ѓоргиевска Парго 
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ