Скијачките центри во Босна и Херцеговина сериозно се подготвуваат за претстојната зимска сезона, сметајќи дека и покрај пандемијата на коронавирус што му нанесе силен удар на туризмот во светот, ќе привлечат гости чии омилени зимски дестинации во Австрија или Франција ќе бидат недостапни.

На Јахорина кај Сараево беше отворена скијачката сезона во неделата, откако со употреба на системот за создавање вештачки снег се оспособи патеката „Пољице“, која треба да им биде достапна на скијачите и за дневно и за ноќно скијање, а другите патеки ќе се отворат постепено, во зависност од снежните врнежи.

Раководството на Олимпискиот центар „Јахорина“ се надева дека годинава, ќе привлече голем број скијачи, особено по најавите дека популарните скијачки центри низ цела Европа ќе останат затворени најмалку до 10 јануари.

“Ски центрите во Франција објавија дека ќе бидат затворени. За прв пат се случува луѓе кои досега скијаа во Франција, Италија, Австрија да резервираат сместување на Јахорина и тоа не малку. Според информациите што ги имаме сега, подобри се резервациите оваа година отколку минатата“, рече за Хина Сања Черемиџиќ, портпарол на ОК Јахорина.

Компанијата смета дека фактот што тие нудат „корона гаранција“ за купените билети за скијачките центри ќе им помогне да ги пополнат сите свои капацитети.

Ова значи дека во случај да се затворат границите или гостинот да биде заразен со коронавирус, тој ќе може да откаже користење на купената ски-карта и да ја пренесе во сезоната 2021/22 или да добие назад 80 проценти од платената сума.

Властите во Босна и Херцеговина одлучија да не воведат дополнителни ограничувачки мерки за контрола на ширењето на пандемијата, со оглед на тоа што постојните даваат резултати, па сметаат дека на популарните ски дестинации во таа земја дополнително ќе привлечат посетители пред се од соседните земји.

Сепак, посебни мерки ќе се применуваат на ски-центрите, и тие вклучуваат ограничување на бројот на луѓе во гондоли, оддалеченост во редовите и обврска за носење заштитни маски освен на падините.

Ќе се спроведува редовна дезинфекција, а мерките ќе се применуваат во угостителските објекти на планината како и на други места. Важната разлика во споредба со претходните години е што нема да има масовни забави со музика по која се прослави Јахорина.

Со скијачките центри на Бјелашница и Игман управува друга компанија наречена ЗОИ ’94, но и таму имаат подготвено слични мерки. А.Р.