Фото: REUTERS/Adnan Abidi

Ултрабогатите од Индија плаќаат илјадници долари за да избегаат од земјата што поставува нов глобален рекорд за дневен број на инфекции со коронавирус, четврти ден по ред. Индија минатата недела стана новиот епицентар на вирусот, кој целосно ги преплави здравствениот систем и крематориумите во земјата и доведе до страшен недостаток на кислород.

Во неделата, здравствените власти пријавија 349.691 нови случаи на коронавирус во земјата. Тие, исто така, пријавија 2.767смртни случаи, што е уште еден дневен рекорд, додека некои нации објавија дека ќе воведат ограничувања за посетителите од Индија, пренесува српски „Телеграф“.

Алармантните бројки ги принудија богатите Индијанци да плаќаат илјадници долари за летови во последен момент и приватни авиони, додека се воведуваат ограничувања за патувања. Една од попопуларните дестинации се чини дека се Обединетите Арапски Емирати, кои се наоѓаат на кратко растојание од Индија и обично има стотици летови до нив. Сепак, ОАЕ воведоа забрана за влез на патници од Индија за 10 дена оваа недела, од 25 април, пренесува „Галф њуз“.

Портпарол на чартер компанијата „Ер Чартер Сервис Индија“ за АФП изјави дека количината на интерес за приватните авиони е „целосно луда“.

– Имаме 12 лета кои утре одат во Дубаи и секој лет е целосно полн – рече тој во петокот.

Друг приватен авиопревозник, „Ентрал авиејшн“, изјави дека е преплавен со стотици барања во последните неколку дена.

– Побаравме повеќе авиони од странство за да се задоволи побарувачката. Изнајмувањето на авион со 13 седишта од Мумбаи до Дубаи чини 38.000 американски долари, а авион со шест седишта 31.000 американски долари – изјави портпаролот на оваа компанија.

Според него, луѓето прават групи и ги споделуваат нивните авиони само за да добијат место.

– Имаше неколку барања за Тајланд, но повеќето од нив се за Дубаи – посочи тој.

Според „Сандеј Тајмс“, најмалку осум приватни авиони полетале за Велика Британија од Индија во последните 24 часа, додека Велика Британија ја спроведува сопствената забрана за патување во земјата. Се известува дека авионите можеби чинеле повеќе од 138.000 американски долари за деветчасовен лет.

Индија се соочува со неочекуван и разорен втор бран на коронавирус. Во Њу Делхи, кој беше тешко погоден, наводно, едно лице умира секоја минута.

Земјите испраќаат помош во Индија

Во тек се меѓународни напори за помош на Индија, бидејќи земјата страда од критичен недостаток на кислород во време на катастрофална епидемија на случаи на коронавирус.

ЕУ подготвува брза помош за Индија, која се соочува со растечка криза поради епидемијата на ковид-19, при што инфекциите и смртните случаи достигнаа рекордни нивоа, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Механизмот на Европската унија им овозможува на земјите-членки да ја координираат помошта за итни случаи. Комесарот на ЕУ за хуманитарна помош Јанез Ленарчиќ рече дека придонесот во кислород и лекови веќе се координира од земјите-членки.

Во наредните денови, Германија ќе испрати кислород и друга медицинска помош во Индија со цел да помогне во здравствената криза предизвикана од избувнувањето на епидемијата на корона вирусот, објави министерот за здравство на Германија, Хејко Мас.

Франција во наредните денови ќе испрати респираторна опрема за кислород во Индија за да и помогне на земјата да се справи со сериозната криза предизвикана од епидемијата на корона вирусот, беше објавено вчера од канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

САД веднаш ќе обезбедат суровини за вакцини против ковид-19, медицинска опрема и заштитна опрема за да и помогнат на Индија да одговори на огромното зголемување на инфекциите со ковид-19, соопшти вчера портпаролката на Белата куќа.

„САД работат дење и ноќе за да ги распределат расположивите ресурси и материјали“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност Емили Хорн, пренесува Ројтерс.

Хорн рече дека материјалите ќе и помогнат на Индија во производството на вакцината „Ковишилд“.

САД, како што додаде, ќе испратат и лекови, комплети за брза дијагностика и респиратори.

Претседателот на САД, Џозеф Бајден, синоќа изјави дека САД се решени да и помогнат на Индија да се справи со масивниот скок во случаи на ковид-19, исто како што Индија им помагаше на Американците кога американските болници беа во неволја на почетокот на пандемијата.

„Исто како што Индија испрати помош до САД, кога нашите болници беа преоптоварени на почетокот на пандемијата, ние сме решени да и помогнеме на Индија во неволја“, напиша Бајден на Твитер. А.Н.