Филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“(Three Billboards Outside Ebbing, Missouri) на режисерот Мартин Мекдонах беше прогласен за најдобар филм на овогодинешните британски филмски награди БАФТА. Номиниран во осум категории, овој филм освои пет награди.

Наградата за најдобра режија ја освои режисерот Гиљермо дел Торо за филмот „Обликот на водата“ (The Shape Of Water), кој имаше дури 12 номинации.

Американската актерка Френсис Мекдорманд е прогласена за најдобра главна актерка за улогата на мајката во филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури.“ Наградата за најдобра машка улога ја доби Гери Олдман за улогата на Винстон Черчил во филмот „Најтемниот час“ (Darkest Hour).

Наградата за најдобра споредна машка улога ја доби Сем Роквел за неговата улога во „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, додека за најдобра актерка во споредна улога е прогласена Алисон Џени за улогата во биографскиот филм за контроверзната американска лизгачка „Јас, Тоња“(I,Tonya). Најдобра актерска надеж е Даниел Калуја.

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е корејскиот филм „Слугинка“ (The Handmaiden), додека најдобар документарен филм е „Јас не сум вашиот црнец“(I Am Not Your Negro) на режисерот Раул Пек.

Режисерката Рунган Ниони за филмот „Јас не сум вештерка“ (I Am Not A Witch) ја освои наградата за најдобро филмско деби на британски  писател / режисер / продуцент.

Наградите БАФТА се британски еквивалент на американскиот Оскар. И ова доделување помина во знак на солидарност со жртвите на сексуална злоупотреба #MeToo и “Time’s Up”. Многу ѕвезди, како што се Анџелина Џоли, Џенифер Лоренс и Кристин Скот Томас, беа облечени во црно на церемонијата на доделувањето.