Во текот на јули и август се организираше поетскиот натпревар “Сплоти се Македонијо”, годинава втор по ред, чиј конкурс траеше до Илинден, Втори Август, а наградувањето на Света Богородица, 28 август.

Манифестацијата беше поделена во два дела-наградување на македонски автори од Македонија, и наградување на македонски автори од дијаспората.

Гран При за автори кои живеат во Македонија и припадна на  Даница Петровска, првото место на Габриела Костадинова, второто на Живко Деспотовски, а третото на Божана Тренческа.

Со награда ” Илинденски бајрак” се закитија Валентина Ѓоргиевска Парго, Виолета Тодева Мијалкова, Розита Христовска, Сузана Рулеска, Анета Трајкова и Мирослава Бадаревска.

Во конкуренција на песни напишани од  автори од дијаспората, наградени се со Гран При Гордана Димовска, прво место Науме Трајчески, второ место Марија Александров и трето место Оливера Јовановска.

Во дијаспората “Илинденски бајрак” му припадна на Науме Пауноски, Пепи Димоска, Нена Дулева,  Делвина Керлуку, кои се автори од Албанија, Германија и од Австралија.

Од најмладите Гран При освои Матеј Спасовски, прво место Марина Додевска, второ место Горазд Трајковски и трето место Ива Спасовска.

Жирито беше во состав Златко Тимковски, професор доктор од Лос Анџелес, Бранко Николовски познат текстописец, Соња Манасиевска- Конеска позната поетеса, Мери Тодоровa Младеновска – магистер по комуниколигија македонистика уредник и водител на “Лица и дела”, Симе Младеновски автор извршен продуцент на “Лица и дела”.

Доделени беа и благодарници за медиумските поддржувачи. Медиумски покровител од Македонија беше ТВ Сонце.

-Имавме многу работа и непроспиени ноќи, за да се направи на ниво, сепак е ова меѓународен македонски поетски натпревар, и бара многу ангажирање и координација,нека види светот, многу не има, изјави продуцентот Младеновски.

Планирано е песните да се најдат во електронски зборник и во книга.

По прогласувањето, најмладиот добитник на Гран При за детска поезија, Матеј, напиша:

Како добитник на наградата ” Гран При детска поезија (Македонија)” при Интернационалната Поетска Манифестација ” Сплоти се Македонијо” би ја искористил оваа прилика да упатам огромна благодарност до самите организатори на овој целосен и фантастичен концепт, како и до членовите на жири комисијата чија што чест и задоволство да се оценуваат, критикуваат и жирираат голем број на пишани дела со безброј разноразни и специфични содржини и тоа токму од културолошки и уметнички аспект,сум убеден дека душевно ги исполнило и многу им значело. А јас како писател и поединец со уметничка дарба, својата љубов и наклонетост кон она што го поседувам внатре во мене, на доста поетичен и мој начин го образложив и опишав токму во следниве зборови од мојот…

“СТИХОВЕН ПОТПИС”

Пишувам исклучиво после полноќ,за никој да не ми додева во стишената безвучнос

Пишувам исклучиво кога сум празен,онака стандардно без живост,без чувство

Пишувам исклучиво кога ќе се исклучам од модерниот строј

Пишувам исклучиво кога возвишеноста и подземјето се одронуваат во паралелен спој

Пишувам исклучиво кога сум присутен во извештачената метафора,а воопшто не постојам

Пишувам исклучиво за да го искусам раскошот на писателскиот свет,а не за во сегашниов да се изборам и опстојам

Пишувам исклучиво кога ќе излезам надвор со стиховите и римите да си поиграм

Пишувам исклучиво кога сум слободен во тематиката и својот стил на изразување,а не кога морам помеѓу наслови да одбирам

Пишувам исклучиво кога не морам стручноста воопшто да ја чепкам и допира

и кога за да ја погодам вистинската точка не морам воопшто ниту да се обидам

Пишувам исклучиво кога измислените размери на зацртаните хоризонти се потполно промашени

Пишувам исклучиво кога на истите намерно ќе им допуштам хаотично да залутаат и потоа повторно споени ќе бидат пронајдени

Пишувам исклучиво кога наоружен со мастилото во вениве и емоцииве самиот се противам на светот кој е против мене

и исклучиво кога отсјајот од огледалото го потенцира ликот на анонимниот писател спроти себе

Пишувам исклучиво после полноќ,бидејќи тогаш не се знае ниту дали будното заспива ниту дали заспаното се буди

Пишувам исклучиво кога полноќниот ветер топло ја милува мојата креативност додека надвор времето безмилосно студи

Пишувам исклучиво сега,за да не изгубам ориентација ако испаднам од колосекот на непредвидливата временска шизофренија

Пишувам исклучиво за да уметнички ги поврзам безначајните зборови во задлабочени стихови на еден залутан поет реинкарниран во метафоричен месија

Пишувам исклучиво кога ќе се исклучам и отселам од јатото крволочни ластовички кои не прават никаква разлика помеѓу расцутена гранка и бодликава жица

од јатото наметнати лузни кои лажно ги сожалуваат и разубавуваат намрштените,злобни лица

Пишувам исклучиво додека чекорам,гледам,слушам,допирам,чувствувам,функционирам,дишам,постојам и живеам

а чудни стихови ми се испуштаат од рака и неописливо опишуваат еден незнаен творец исто како своето јас да го оживувам

И потоа откако ќе напишам и напишаното ќе го прочитам,јасно ми е зошто толку посветено со зборовите одолговлекувам

бидејќи својата вечна наклонетост и љубов кон својата дарба трајно ја испишувам во својот потпис кој лично јас под своето дело го подвлекувам.

Матеј Спасовски