Валентина Ѓоргиевска Парго

Во пријатна ладовина на дворното кино „Мирно лето“, денеска на прочуениот уметник, автор, писател, колумнист, и режисер Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски им беа врачени годинешните „Златни објективи“ – признанија кои Кинотеката на Р.С. Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден. Лауреатите, во присуство на филмаџии, новинари од културата, Украинскиот амбасадор во Македонија, роднини и пријатели, добија пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности,  а им ги врачи  директорот на Кинотека филмологот Владимир Ангелов, додека за нивното дело говореше филмологот д-р Атанас Чупоски.

Коле Манев (1941), иако спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари – повеќе години работеше и на телевизиски и филмски проекти (Радиотелевизија Скопје и Вардар филм), како режисер, сценарист и автор на документарните БАСКАРСКИТЕ ИЗВОРИ (1972), ТУЛГЕШ (1977) и ЦРНО ВО ЦРНО (1986), на телевизискиот долгометражен филм МОСТ (2006), и други. Студирал на ликовната академија во Белград, а усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзано со културните политики и општествени случувања. Добитник е на многу високи домашни и странски награди и признанија, од Франција прогласен за витез на културата,  оценет од уметници дека да се родел пред сто години неговите слики ќе го краселе Лувр, во оваа пригода дознавме и дека учествувал во првата фаза на создавањето на филмот “Дае”, првиот македонски кандидат за Оскар.

Спасе Тасевски (1945), работел паралелно на телевизиски и на филмски проекти. Од 1965 влегува во студијата на РТВ Скопје (МРТВ), работи и на филмски проекти, на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови ИСТРЕЛ (1972), ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА, 1973), ЈАД (1975), ПРЕСУДА (1977), ОЛОВНА БРИГАДА (1980), СВЕТЛО СИВО (сегментот ПТИЦАТА УРУБУ И ДЕВИЦА, 1993), кратките, документарни и анимирани филмови ВИРОВО (1968), ШЕСТИОТ ИГРАЧ (1976), ПЕЦКО – ЕДЕН ДЕН ЖИВОТ (1983), ПЕЦКО – НАФТЕН ДЕРИВАТ (1983), како и бројни телевизиски проекти.

По повод својот роденден, односно датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април, 1974 година – оваа институција го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.„Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание биле истакнати филмски работници.