На 26 мај (среда) во 12.00 часот, во дворот на кинотечното летно кино „Мирно лето“, на режисерот Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски ќе им бидат врачени годинешните „Златни објективи“ – признанија кои Кинотеката на Р.С. Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден. Манев и Тасевски ќе добијат пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

По повод својот роденден, односно датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април, 1974 година – оваа институција го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

„Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Мето Петровски, актерот и режисер Коле Ангеловски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Спасе Тасевски (1945), како и повеќто филмаџии, негови современици и колеги, работел паралелно и на телевизиски и на филмски проекти. Од 1965 влегува во студијата на РТВ Скопје (МРТВ), прво како асистент-монтажер, а потоа самостојно, како монтажер на телевизиската програма. Истовремено работи и на филмски проекти, на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови ИСТРЕЛ (1972), ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА, 1973), ЈАД (1975), ПРЕСУДА (1977), ОЛОВНА БРИГАДА (1980), СВЕТЛО СИВО (сегментот ПТИЦАТА УРУБУ И ДЕВИЦА, 1993), кратките, документарни и анимирани филмови ВИРОВО (1968), ШЕСТИОТ ИГРАЧ (1976), ПЕЦКО – ЕДЕН ДЕН ЖИВОТ (1983), ПЕЦКО – НАФТЕН ДЕРИВАТ (1983), како и бројни телевизиски проекти.

Коле Манев (1941), иако поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник – тој спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари – повеќе години работеше и на телевизиски и филмски проекти (Радиотелевизија Скопје и Вардар филм), како режисер, сценарист и автор на документарните БАСКАРСКИТЕ ИЗВОРИ (1972), ТУЛГЕШ (1977) и ЦРНО ВО ЦРНО (1986), на телевизискиот долгометражен филм МОСТ (2006), и други. Студирал на ликовната академија во Белград, а усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзано со културните политики и општествени случувања.

Настанот ќе се одржи со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.

Доколку временските прилики не дозволат истиот да се одржи во летното кино, целиот настан ќе се одвива во холот на Кинотеката, на ул. Никола Русински бр. 1, во Скопје.