Шефот на кинескиот експертски тим во Србија, д-р Пенг Џијанг, вели дека најефикасната заштита од корона вирусот е маска, смета дека мерките преземени во Србија се добри и најавува дека Кина би можела да има вакцина против коронавирусот отприлика кон крајот на јуни, пренесува Танјуг.

Д-р Пенг, кој работи во Центарот за контрола на заразни болести во провинцијата Гуангдонг, напоменува дека корона вирусот може да се уништи по еден час изложеност на температура од 56 степени, а најлесно може да се пренесе во првите два дена од појава на болеста и пет дена по неговото појавување.

-Тогаш вирусот е и најопасен, вели д-р Пенг во интервју за магазинот „Одбрана“.

Најефикасна мерка за заштита од корона вирусот е маска, вели д-р Пенг и тој порачува: “Носете маски. Само маски. Кога носите маска, тоа е еден од најефикасните методи на заштита”.

Според него, мерките преземени во Србија се добри и ефективни, а пренесувајќи искуство од Кина, тој забележува дека изолацијата е најдобрата мерка за справување со ширењето на оваа епидемија.

„Во Кина, сите разбраа дека треба да соработуваат со владата, да ги почитуваат мерките што ги донесе и дека тоа е добро за заедницата, па постапуваа соодветно“, вели Пенг.

Тој додава дека во борбата мора да биде вклучена целата заедница, многу институции, не само здравствениот систем.

„Само преку заедничка социјална акција успеавме да го победиме овој вирус во Кина“, велитој.

Пенг исто така наведува дека не е веројатно дека некој кој веќе е заразен и закрепнат, повторно ќе биде заразен.

Тој исто така вели дека и Кина и Америка ги подготвуваат своите вакцини.

„Американците имаат свој тип, а ние го имаме нашиот. Испитувања на вакцината врз животни веќе се направени во Кина и сега се во тек клинички испитувања на луѓе волонтери“, вели Пенг, додавајќи дека вакцината е најдоброто решение и може да се очекува околу крајот на јуни .

Пенг додава дека кинеската војска многу придонесла во борбата против епидемијата преку создавање на мобилни болници и вклучување на голем број луѓе за помош и спасување.

„Нивната дисциплина и искуство во спроведување на одредени мерки се од огромно значење“, вели Пенг, пофалувајќи ја вклученоста на српската армија, особено околу привремените болници. А.Р.