Од 5 – 7ми август во Стар Дојран ќе се одржи првото издание на Меѓународниот филмски фестивал ПРЕКУ ЕЗЕРОТО / ACROSS THE LAKE DOJRAN FILM FESTIVAL.
Ова е фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земији и е прв филмски фестивал од оваков формат во Македонија, кој ќе го збогати културниот живот во градот и околината и традиционално ќе се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото.

“ПРЕКУ ЕЗЕРОТО“ е иницијатива предводена од Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент.

За ова прво издание селектирани се 9 исклучителни кратки филмови од 8 медитерански земји, со актуелни теми кои се раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот.

Како што најави лорганизаторот, во главната натпреварувачка програма се следните филмови: „А ЛА КАРТ“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис / ГРЦИЈА / 2022, „ПРЕСУДА“ на Дора Јунг / Србија / 2022, „МАРКО“ на Марко Шантиќ / Хрватска / 2021, „ПЕРИКИ“ на Ангела Димеска / МАКЕДОНИЈА / 2022, „ВИНОЖИТО“ на Александар Вујовиќ / ЦРНА ГОРА / 2020, „КРИМИНАЛЦИ“ на Серхат Караслан / ТУРЦИЈА / 2021, „ШТО НЕ ЗНАЕМЕ ЗА МАРИЈАМ“ на Морад Мостафа / ЕГИПЕТ / 2021, „СВЕТИОТ СИН“ на Аљоша Масине / ИТАЛИЈА / 2022, и „ПОГЛЕД ОД БАЛКОН“ на Арис Капланидис / ГРЦИЈА / 2021.

Покрај главната програма во склоп на фестивалот ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји кои се истакнале по особениот пристап на темата кој нуди нов поглед на нештата кој го поттикнува дијалогот помеѓу различните култури, општествени групи, нации……

Во склоп на фестивалот ќе се одржи и мастерклас на тема: „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Мастеркласот ќе го води докажаниот скрипт-консултатнт од Англија Џон Стивенс.

Меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција ќе го предводи истакнатиот грчки режисер Василис Мазоменос, а домашни членови на жирито се Гоце Кралевски, продуцент и Ева Камчевска, сценарист.