Кучињата треба да се шетаат – барем двапати на ден, вели германската министерка за земјоделство. И затоа планира да воведе нови правила за сопствениците на кучиња, а тоа ќе го контролираат покраините, соопшти сојузната министерка, пренесува „Дојче веле“.

Германската министерка за земјоделство Јулија Клекнер (ЦДУ) има намера да им загарантира на кучињата доволно прошетки и внимание, но и да воведе построги правила за транспорт на домашни животни, односно миленичиња, како и за нивно одгледување, пишува „Дојче веле“.

Министерството за земјоделство објавува дека новата регулатива треба да биде објавена во првите месеци од следната година. Министерката Клекнер веќе подготви нацрт, кој уште треба да биде усогласен со покраините и професионалните здруженија.

Прошетка – барем двапати на ден

Регулативата, меѓу другото, треба да ги обврзува сопствениците на кучиња да му обезбедат на своето животно најмалку две прошетки на ден, вкупно еден час.

„Домашните животни не се плишани играчки – треба да бидат земени во предвид нивните потреби“, рече министерката за германската агенција ДПА.

Кучињата треба да се движат доволно и не треба да останат сами премногу долго. Приватните и професионалните одгледувачи треба да поминуваат најмалку четири часа на ден со своите кутриња, за да се навикнат на луѓе.

Исто така, треба да се регулира дека еден одгледувач може да се грижи за најмногу три легла истовремено – тоа е потомството на една кучка. Врзување на кучињата, т.е. држење на кучињата постојано на поводник, во основа треба да биде забрането, т.е. дозволено само под одредени околности.

Контролата под надлежност на покраините

На прашањето како треба да се контролира сето ова, особено кога станува збор за приватни сопственици на животни, портпаролот на министерката одговори дека службите во покраината се одговорни за тоа. Но, тие сигурно нема да ѕвонат од врата на врата кај секој сопственик на куче и да прашаат дали го прошетал своето милениче. Ова првенствено се однесува на оние кои ги чуваат кутрињата во кафези, односно одгледувачите.

Министерката Јулија Клекнер исто така сака да уреди транспортот на животни во Германија да може да трае максимум четири и пол часа, доколку температурите надминуваат 30 Целзиусови степени.

„Токму во текот на летото и кога температурите се високи, треба да ги спречиме животните да страдаат понатаму“, вели Клекнер.

„Затоа имплементирам построги правила за транспорт, кои ги надминуваат правилата на ниво на Европската унија“, решена е германската министерка за земјоделство.

Покрај најавените нови правила, сопствениците на кучиња во Германија се исто така должни да плаќаат даноци за своите миленици. Ова на пример во Бон изнесува 150 евра годишно ако имаат едно куче – 192 за второ куче, а 240 евра годишно за трето и секое следно куче. Данокот за „опасните кучиња“ (кучиња за борби) е 780 евра годишно – за првото куче. За второто опасно куче и секое следно е 1.020 евра. А.Н.