четврток, април 25, 2024
дома„Дојче веле“ ја затвори канцеларијата во Москва

„Дојче веле“ ја затвори канцеларијата во Москва

Германскиот странски сервис „Дојче веле“ (DW) денеска соопшти дека ја затворил дописничката канцеларија во Москва поради одлуката на руската влада да го забрани емитувањето на нивната програма на територијата на Русија.

Руските власти одлучија да го откажат сигналот на „Дојче веле“ поради, како што соопшти во четвртокот Министерството за надворешни работи, „непријателските дејствија“ на Германија кон руската телевизија „РТ ДЕ“, на која германскиот регулатор и забрани да емитува програма во Германија.  Во Москва, како што наведоа, најавена е проверка дали „Дојче веле“ треба да биде означено како „странски агент“.

Генералниот директор на „Дојче веле“, Петер Лимбург, во четвртокот вечерта ги опиша мерките на руските власти за забраната за емитување и одземањето на акредитациите како „целосно претерана реакција“ и најави правни чекори против нив. Тој посочи дека „Дојче веле“ има важечка лиценца за емитување телевизиски канали на англиски и германски јазик од 2005 година и дека дозволата за англискиот канал трае до 2025 година, а за германскиот до 2027 година.

Во средата, Институтот за медиуми Берлин-Бранденбург го забрани емитувањето на телевизиската програма „РТ ДЕ“, која започна да работи онлајн во декември, повикувајќи се на лиценца добиена во Србија. Претходно, германската комисија за лиценци и надзор одлучи дека „РТ ДЕ“ не може да се потпре на други европски лиценци, додека РТ тогаш најави дека ќе ја преиспита таа одлука на суд.

Претседателката на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), Оливера Зекиќ, на 17 декември минатата година изјави за ФоНет дека РЕМ издала лиценца по барање на руската државна телевизија на германски јазик и дека телото постапило на ист начин како при лиценцирање на телевизиите „Н1“ и „Нова С“. Таа наведе дека на 6 декември РЕМ, врз основа на член 83 во врска со член 45 од Законот за електронски медиуми, издал лиценца по барање на РТ за давање медиумски услуги преку електронската комуникациска мрежа. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ