Директорот на Светската банка, Дејвид Малпас, предупреди дека пандемијата на корона вирусот ќе одведе до 60 милиони луѓе во „екстремна сиромаштија“. Светската банка, рече тој, очекува глобалниот економски раст да падне за пет проценти бидејќи земјите се борат против пандемијата, пренесува „Би-Би-Си“.

Ова веќе доведе до пропаѓање на компаниите и губење на работни места за милиони луѓе, а здравствените системи наидоа на голем притисок.

„Нашата проценка е дека до 60 милиони луѓе ќе бидат втурнати во екстремна сиромаштија, што го поништува целокупниот напредок во намалувањето на сиромаштијата во последните три години“, рече Малпас.

Според дефиницијата на Светската банка, „екстремна сиромаштија“ значи да се живее со помалку од 1,90 долари по човек дневно. А.Р.