*Неодамна во центар за култура “Трајко Прокопиев” во Куманово  се одржа осмото издание на “Тумба Фест” , на кој беа изведени над 20 песни, а фестивалот потоа беше прикажан на програмите на Македонска телевизија. Најпрво честитки што ваков специфичен фестивал успеавте да организирате во овие сегашни услови. Какви се вашите импресии?
– Да, условите за организирање на овогодинешниот “Тумба ФЕСТ” беа исклучително сложени од повеќе аспекти. Фестивалот не беше препознаен од Министерството за култура како настан кој треба да си го заземе своето место во проекти од национален интерес и не се најде на листата на подржани проекти во 2020 година. Скромните средства со кои фестивалот беше подржан од Општина Куманово, кои за жал се покажаа и скоро како единствени на располагање за одржување на фестивалот, ни од далеку не беа доволни за организирање на еден ваков настан. Непрепознатливоста на оваа грандиозна манифестација од страна на структурите кои би требало да се грижат за статусот на културата воопшто во градот дополнително ги усложни условите во кои се организираше фестивалот.
На крај, секако актуелната Ковид криза беше проблем кој најтешко беше совладан. Самите автори, кои требаше во едно такво време на здравствена криза да творат, и тоа да создаваат шегобијни песни, со дополнително бреме дали условите и препораките за заштита од Ковид 19 воопшто ќе дозволат да се одржи фестивалот, беа препрека која најтешко ја совладавме. Но, згора на се, издржавме, и успеавме да го организираме фестивалот на што сме многу горди. Целовремено лајт мотив да се успее во организацијата ни беше фактот што, дури по деветнаесет години истиот беше возобновен, и, сега, наредната година повторно да го нема, сметавме дека ќе биде лоша порака како за авторите, така и за публиката, и сметавме дека со тоа ќе му ставевме крај на фестивалот.
Моите, но и импресиите на сите учесници во организацијата, учесниците, публиката се навистина позитивни, и веќе никој воопшто не размислува дека фестивалот нема да продолжи да си го живее својот живот.
*Фестивалот има многу интересна линија на постоење. Започна бомбастично во 1995, прекина тивко во 2000-та, па се возобнови минатата година. За време на таа пауза, реагираа ли авторите и пејачите зошто го нема, го бараа ли овој настан ? 
-За време на паузата од тие деветнаесет години, имаше повеќе обиди да се возобнови фестивалот. Дури, со години наназад, истиот беше редовно дел од програмата за културни настани на Општина Куманово, но, од за мене непознати причини, фестивалот, иако поставен во програмата, изгласана од Советот на Општина Куманово, не си го најде своето место да биде возобновен, но, не само возобновен, туку и да се направи концепција за негово континуирано и традиционално  одржување. Авторите, пејачите, целата таа фела, буквално сите во еден глас реагираа, и се прашуваа, зошто не се одржува фестивалот, бидејќи на истиот, тие имаа можност за едно поинакво изразување во својот израз, настап и сите оние елементи кои го сочинуваат целокуниот впечаток од  една таква композиција која би се нашла на фестивалската сцена на “Тумба фест” .
*Некои песни заживееја меѓу публиката, но повеќето мислам дека треба повеќе да се слушнат-интересни се, ведри се, па заслужуваат подобар медиумски третман. 
-Фестивалот зад себе остави голем број на хитови кои и ден денеска се слушаат, некои од нив дури и се обнародија па помладата публика ги смета за македонски народни песни од кумановскиот крај. Има песни без кои не може воопшто да се замисли било каква свадбена или друг вид на веселба. Тука вредни за споменување се голем број на песни, како што се ,,Голем  мераклија,,   ,  ,,Еј  Розике бре комшике,,, ,Зет домазет,,  ,  ,,Азг´н сваќа,, ,  култната ,,Една куќа за две жени,, (Петранка Костадиновска и Ленче Кукиќ) и многу многу други.
Во секој случај песните од Тумба фест заслужуваат поголем медиумски простор и третман од медиумите, како локални, така и национални, и, фактот што Македонската радиотелевизија годинава го сними фестивалот, и што веќе на два пати го емитуваше на своите програми, зборува за потребата од поголем медиумски третман на фестивалот. Но, ние искрено се надеваме дека фестивалот ќе си го заземе своето место на медиумскиот простор кај нас.
*Интересно е што, освен македонски пејачи, годинава настапија и пејачи гости од Бугарија и Босна и Херцеговина. Не ги спречи ни оваа ситуација, тоа е така кој сака нешто да направи, ќе направи, нели? 
-“Тумба фест”, од самиот свој почеток е фестивал од интернационален карактер, на истиот продефилирале пејачи од Србија, Босна и Хецеговина, Бугарија, Романија … Минатата година исто така, самото возобновување на фестивалот го имаше истиот тој епитет, и, ние едноставно продолжуваме со таа традиција. Оваа година имавме гости од Бугарија, но, за жал гостинот од Босна и Херцеговина, кој што живее во Виена, беше спречен да учествува на фестивалот поради актуелната Ковид криза, но, тој преку видео обраќање беше на некој начин дел од овогодинешниот фестивал, и неговата песна беше чуена од публиката на фестивалот.
*Колку автори беа вклучени во создавањето, годинава? Малку шегата како да сопре овој период, па во што наоѓаа добра инспирација, кој им беше лајт мотив? 
-На “Тумба фест 2020” беа застапени околу триесетина автори, интересно е што оваа година како автори се јавуваат и гости од Бугарија. Како што споменав, беше исклучително тешко да се твори во овој период на криза, на неизвесност дали воопшто фестивалот ќе се одржи, но, сепак, авторите на еден оригинален начин создадоа дела кои навистина се извонредни, и, кои, публиката веќе ги прифаќа и потпевнува, заинтересираност има и од повеќе медиуми за емитување на фестивалот, дел од песните се најдоа на топ листите на радиските медиуми, песните, полека доаѓаат до сетилата на граѓаните на нашата земја. Лајт мотивот оваа година имаше поширок спектар на идеи, размислувања, случки и.т.н. Стандардно беше воспеван локалниот јунак и боем ,,Батко Ѓорѓија,, се пееше за Куманово и кумановските сокаци, за кумановските маала, за мааните кои ги имал авторот, се пееше за  “љута жута ракија” , за трубачите, имаше и една песна во која лајт мотивот е спојот на културата и кафаната преточен во кафански театар, се пееше за короната,  за петлето кое најубаво кукурика рано посабајле, за мајсторот механичар и другар му тапацер, понатаму се создадоа дела за еден папучар, баксуз, за ставање на блок на машките кои има досадувале на девојчињата и.т.н. Секој автор на еден оригинален начин ги донел своите редовни, тековни активности и проблеми и ги преточил во песна која, се надеваме дека ќе биде слушана и ќе допре до пошироката јавност.
*”Тумба фест” во основа е фестивал на новосоздадени македонски шегобијни песни, а името на фестивалот е метафора на симпатичната кумановска анегдота “Куде тумбу и четири бандере”. Можете да не потсетите на таа симпатична легенда, а и да ги запознаете оние кои не ја слушнале досега?
– Некаде во дваесетите години од минатиот век е донесена одлука за електрификација на Куманово, и тогаш, на работ на Опинчарскиот сокак се поставени не две, не три, туку четири бандери, за да може на нив да се постави основа на која е поставена трафостаница. Тоа , во тоа време било главна атракција на Куманово, тука во околината бил и зелениот пазар, а на приквечер, кога би се запалиле светилките се собирале Кумановските ергени кои се додворувале на младите девојки кои излегувале на корзо. Тоа е култно место за Кумановчани, денеска, на стото тоа место се поставени четирите бандери кои сведочат за едно време минато.
*Автентичните текстови на кумановски дијалект даваат посебен шмек, но, ете, отворени сте кон еден поширок хоризонт, освен само за кумановци и пејачи и артисти од вашиот крај, може да настапи или компонира оној кој може да направи таква песна, на кумановски или на литературен македонски. Според Вас, кој текст е поинтересен, со оглед и на тоа дека кумановскиот често пати и не го разбираме целосно ?  Јас, на пример, и ден денес се смеам на еден кумановски збор чапанке (грди нозе).
Хаха, да, чапанке. Оваа година имаше исто така повеќе автентични кумановски изрази како што е ,,шикашана,, па авторот на музиката и аранжманот ми се јавуваше да ме праша што значи зборот шикашана.  Да, кумановскиот дијалект им дава посебен чмек на песните, а шегобијноста како карактер на фестивалот на авторите им дозволува поголема слобода во изразување, поради што и тие се посебно во позитивна смисла испровоцирани да ги создаваат делата.”Тумба фест” е фестивал на новосоздадена македонска народна шегобијна песна, но, на “Тумба фест” се пеело и на струмички дијалект, и на македонски литературен јазик. Ние ги охрабруваме авторите од другите градови да создаваат песни и на својот дијалект, едноставно, во иднина визијата на организаторот е на фестивалот да се чујат песни на различни дијалекти. Замислете еден слушател од Гевгелија кога ќе чуе песна ,,по гевгелиски,,  сигурно и дека Тумба фест како фестивал полесно ќе допре до него, и ќе ги слушне и останатите песни, и на тој начин самиот фестивал ќе добие на своја популарност помеѓу населението. Тешко е да се каже кој текст, односно која песна, онаа испеана на кумановски или онаа на литературен македонски јазик е ,,поприфатлива,, за конзументите. Се зависи од случај до случај. Оваа година еден од авторите до последен момент се двоумеше дали да ја исполни својата песна (а беше комплетен автор ) на македонски, или на кумановски, се одлучи за македонскиот, и веднаш утредента сметаше дека сепак погрешил, и рече дека ќе ја сними и на кумановски.
*Кумановци ги бие глас на добри мајтапчии, а фестивалот е само отсликување на нивниот начин на шегување. Со самото тоа  продолжувате да го негувате специфичното традиционално наследство на Куманово и кумановско , и да ги негувате карактеристичните обележја кои се уникатни во овој регион. Но, навистина, да се состави умесен хумористичен текст кој ќе го запази и првото на хумор, но ќе внимава да не навреди,  е доста тешко. Кумановски дијалект, е смешен и забавен во една позитивна варијанта, полн со смешни дескрипции и досетки, а и текстови на литературен македонски јазик не се едноставни за пишување. Тоа бара посебно мајсторство. Кој ги пишува текстовите за фестивалот?
– Токму така, и создавањето текстови на кумановскиот дијалект  претставува еден малку поголем проблем. Организаторот со тоа се справува на начин што издава посебен конкурс  за создавање на текстови на кумановскиот дијалект, и, таквите текстови во понатамошната фаза се нудат на авторите на музика и на пејачите, за да творат на основа на готов текст. Во други околности, им се наоѓаме на располагање на авторите, нивните создадени дела на македонски литературен јазик, да им ги ,,преведеме,, на кумановски, и последниот збор си го имаат самите автори, во соработка со пеачите, на каков јазик ќе ја создадат песната
*”Етно Ризница,” на чело со вас е организатор на духовитост и оригинален “Тумба фест”. Што друго е во креативниот концепт на “Етно ризницата?
-” Етно Ризница”, е здружение за уметност, култура и заштита на културно наследство. Нашиот фокус е Североисточниот регион на РСМ.  Започнавме со идентификација на историското културно наследство во облик на стари изворни народни песни испеани во кратовско, кривопаланечко и кумановско, имаме соберено преку двеста песни, досега необјавени. Изготвивме два носачи на звук со тие песни, преработени во нови аранжмани, со цел да се доближат до публиката, посебно до помладите генерации, и да се сочуваат од заборав, оваа активност ни е континуирана. Организираме настани на локалитетот ,,Камени кукли,, во село Куклица кратовско кои веќе станаа традиционални. ,,Шопска свадба,,  и  ,, Вечерен танц на куклите,,. Настаните имаат за цел придонес кон заживување на културниот туризам, и сочувување на историското културно наследство од овој крај. Работиме на преработки на изворните наросни песни во класична верзија, и со тоа доближување до истите до една поразлична публика. Во Куманово покрај “Тумба фест” го организираме и фестивалот ,,Денови на балканска етно ризница,, на кој ги промовираме нашите достигнувања на полето на идентификација, сочувување, преработка во ново руво на материјалот, на кој фестивал исто така имаме гости и од други земји, Бугарија, Србија, Полска.
*Какви идеи и планови имате за во иднина, за вашиот град?
-Оваа година поради актуелната корона криза не бевме во можност да го возобновиме детскиот фестивал ,,Распеано детство,, песните се направени, на аудицијата се појавија многу мали дечиња од кои направивме селекција и фестивалот во план е да го одржиме наредната година во месец мај.
План е фестивалите ,,Тумба фест,, и ,,Денови на Балканска Етно Ризница,, да си го задржат своето традиционално ниво на одржување, и да имаат интернационален карактер. Пред Кумановската јавност, пласиравме идеја за здружување на поголем број на манифестации, и на нивно организирање во еден пократок период со што би ги намалиле и трошоците во однос на поставување на сцена, озвучување, осветлување и сите придружни активности неопходни за организација на настани, тоа би го именувале како недела на фестивали во куманово, или недела на културата … Оваа идеја, која нескромно морам да кажам дека потекнува од ,,Етно Ризница,, веќе е прифатена од локалните културни авторитети, и јас се искрено надевам дека во наредната година ќе заживее. Исто така се надевам и дека ,,Тумба фест,, ќе биде препознаен и од Министерството за култур на РСМ, а со нивна подршка фестивалот ќе добие уште повеќе на значење.
Кај медиумите, сметам дека веќе сме препознаени како фестивал кој создава трајни дела кои го воспеваат Куманово, и, така, малку по малку би требало да имаме посветла иднина.
Валентина Ѓоргиевска Парго