Атмосферата на ланскиот јубилеен 5. Фестивал на кратки филмови „Дрим шорт“ во Струга

Во пресрет на 6. издание на Фестивалот за краток филм „Дрим шорт“ од Струга, кој оваа година ќе се одржи од 6 до 9 август, организаторите го најавуваат основањето на регионална мрежа за краток филм „Балкан шорт филм нетворк“ (Balkan Short Film Network). Имено, струшкиот фестивал во соработка со своите партнери од регионот, „Башта Фест“ од Бајина Башта, Србија и „Синема Филм Фестивал“ (Seanema Film Festival) од Улцињ, Црна Гора, востановија новата мрежа за кратки филмови и за нивна промоција во регионот, како и за едукација на младите филмски автори.

Со ова „Дрим шорт“, впрочем, само продолжува со идејата и заложбата фестивалот во Струга да не се задржи само на прикажување филмови, туку да придонесува и кон едукација и реализација на филмските дела, да им овозможува на филмските професионалци да се поврзат и да ги збогатуваат нивните искуства. Како што велат и самите, за нив е најважно да ја остварат онаа примарна причина поради која фестивалите постојат и треба да постојат, да помогнат и да ја поддржат репродукцијата на филмските остварувања.

Како што веќе пишувавме, тие претходно остварија соработката со познатата Европска платформа за сценарија NISI MASA, со која беше одржана работилница на која „Дрим шорт“ успеа да привлече 40-тина кратки сценарија од цела Европа. А факт е дека самото поврзување со NISI MASA е многу важно, затоа што сценаријата кои се развиваат таму секоја година се во најтесен избор за најзначајните филмски награди.

Лани „Дрим шорт“ одржа и работилница за краток филм на тема „Dealing with the past“, која им овозможи на 10 млади македонски филмски ентузијасти, студенти на филмските школи во земјава, да се запознаат со основите на филмот, сценариото за краток филм, филмската режија и, воопшто, продукцијата. Целта, секако, беше една од идеите кои беа развивани на работилницата, со нивно менторство да прерасне во сценарио, кое ќе кулминира со снимање краток филм.

Така што, создавањето регионална мрежа е само продолжување по овој востановен пат на струшкиот фестивал, чија цел е откривање и поддршка на млади автори и развивање на нивните идеи. Како што најавуваат, прв и најголем проект на регионалната мрежа ќе биде проширувањето на едукативната програма „Башта пич“ (Basta Pitch), чија идеја е да собере филмски автори од Македонија, Србија и Црна Гора. За таа цел ќе бидат избрани 5 проекти за краток игран филм во траење до 30 минути, кои ќе имаат можност да учествуваат на три работилници: „Башта пич“ на фестивалот во Бајина Башта, на „Fund Ready“ на Дрим шорт Филм Фестивал и „ Festival Ready“ на „Синема“ фестивалот во Улцињ. Секој проект ќе има по двајца претставници, режисер и продуцент.

По завршувањето на работилниците во октомври е планирано да се одржи веб-конференција на која ќе се сумираат впечатоците, а проектите ќе бидат претставени пред пошироката публика. Најдобриот проект ќе добие вредносна награда во износ од 1.000 евра, со цел да се помогне во почетокот на реализација на филмот. Пријавите за оваа програма се отворени до 20 мај, а сите информации околу тоа што е потребно за пријавување проекти можат да се најдат на веб-страницата: www.bastafest.com.

Овој проект е поддржан од Western Balkans Fond, грант шема за регионот која е основана од страна на Европската унија, IPA – Инструмент за предпристапна помош. И, само да потсетиме, дека во меѓувреме траат подготовките за 6. издание на фестивалот „Дрим шорт“, кој ја продолжува својата летна шема, значи од 6 до 9 август, а пријавите за филмовите што годинава ќе бидат дел од програмата се отворени и можат да се најдат на платформата FilmFreeway до 15 јуни 2022 година. (С.У.)