естивалот за кратки филмови „Дрим шорт“ од Струга најавува нова работилница за обука за краткометражни филмови, TSFM Word-Frame Struga, која ќе се реализира во соработка со Talents and Short Film Market од Италија и со поддршка на македонската Агенција за филм.

Што претставува TSFM Word-Frame Struga (North Macedonia)? Станува збор за интензивна работилница чија идеја е насочување на осум режисери и/или сценаристи во изработка на краткометражен игран или хибриден филм (доку-фикција, креативен документарец, анимација со реални елементи и др.). Работилницата има за цел да им обезбеди на учесниците основни знаења и алатки за работа, со други зборови – да ги подучи на вештините корисни, воопшто, за започнување професија во филмската индустрија. Притоа, нудејќи им можности со кои ќе се зголеми нивното знаење во поглед на развојот на приказните за кратки филмови, како и во поглед на основите на продукцијата и дистрибуцијата.

Како да се стане учесник

Работилницата е отворена за сите режисери и сценаристи од следните 9 земји: С. Македонија, Србија, Албанија, Косово, Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, кои работат на кратки филмови во рана фаза на развој (синопсис, краток приказ, почетна идеја). На работилницата, која ќе се одвива целосно на англиски јазик, ќе бидат примени и кандидати со претходно искуство.

Планирано е работилницата да се одвива во текот на пет дена – од 30 август до 3 септември во Струга. Присуството на учесниците е задолжително. Победникот на ТСФМ – Word-Frame North Macedonia ќе биде поканет да учествува на втората работилница и пичинг сесија во Торино во ноември, заедно со победниците на останатите работилници што ги организира TSFM Word-Frame од Италија.

Селекционата комисија, која е составена од членови на ТСФМ, ќе ги избере осумтемина учесници. Наставата на работилницата е организирана од страна на ТСФМ и ја водат тутори со долго искуство во советување за изработка на сценарија. Работилницата е конципирана од Масимо Д’Орзи, режисер, сценарист и продуцент, Масимилијано Нардули, куратор, композитор и советник и Енрико Ванучи, програмер, талент-извидник и дистрибутер.

Пријавувањето на работилницата (кое може да се направи на оваа адреса https://docs.google.com/…/1CUdYqZ0OW8t4VwkjRjOoxkl…/edit) е бесплатно. Крајниот рок за пријавување е 1 август 2022 година, а избраните учесници ќе бидат известени до 9 август. На учесниците им се обезбедени 6 ноќевања, од 29 август до 4 септември и по еден оброк дневно, во партнерските структури на фестивалот на „Дрим шорт“. Котизацијата за учество е 150 евра, но таа важи само за учесниците од другите земји, не и за македонските учесници, додека патните трошоци ги плаќаат самите учесници.

Во што се состои методологијата

ТСФМ Word-Frame како меѓународна тренинг-работилница овозможува преку теоретска и практична обука, заснована на успешно тестирана методологија, осумтемина избрани филмаџии да бидат мотивирани да се соочат меѓусебно развивајќи ги своите проекти во текот на пет дена. Методологијата се заснова на колективна работа насочена кон развој на проектите и новите идеи. Преку алатките што се совладуваат низ дијалектичката врска инсталирана со туторите и другите студенти, филмаџиите ќе научат да ја препознаат и да ја подобрат сржта на својата работа. А покрај тоа, во предвид ќе бидат земени и изводливоста на продукцијата, уметничките вредности и социо-културните контексти на проектите.

На работилницата ќе има и информативни мастеркласови, кои се фокусираат на глобалната индустрија за кратки филмови, односно опфаќаат теми како што се: фестивали, пазари, компании за дистрибуција и продажба, пичинг сесии и развој на филмски досиеја. Оваа методологија има за цел да го зајакне квалитетот и оригиналноста на форматот на кратките филмови. Целта е да се негуваат проекти кои се длабоко вкоренети во националните и меѓународни продукциски и дистрибутивни синџири на вредност, а притоа се уште покажуваат изненадувачки и единствен кинематографски јазик.

Создавање мрежи меѓу европските филмаџии

ТСФМ Word-Frame ќе се случи во текот на максимум десет работилници, од кои половина ќе се реализираат во Италија, а другата половина во пет различни европски земји. Во Италија ќе се одржи и дополнителната финална работилница за време на ТСФМ бр. 7, кон крајот на есента 2022 година. По пат на посебни повици за проекти објавени за секоја сесија, туторите ќе ги одберат предвидените осум филмаџии што ќе учествуваат на секоја работилница. На завршната работилница ќе се изберат најмногу десет учесници, односно најмалку еден за секоја фаза, за кои одлучуваат менторите врз основа на нивната работа и проекти.

Таа шестдневна финална сесија ќе се фокусира на градење продукциски стратегии  за секој проект на краток филм посебно, и ќе доведе до пичинг сесии и состаноци еден на еден со продуцентите и професионалците од индустријата. Главна цел на оваа финална работилница е да се создадат мрежи помеѓу италијанските и европски филмаџии кои доаѓаат од различни средини. Како што велат од ТСФМ и од „Дрим шорт“, тие веруваат дека меѓународното вмрежување може да им донесе голема корист на учесниците, бидејќи ТСФМ Word-Frame не само што ќе го олесни и забрза производството и реализацијата на нивните проекти, туку и нивната промоција преку фестивалите, преку радиодифузно емитирање и разни онлајн кругови. (С.У.)