Откако педесетина мајки на кои им заврши породилното во меѓу просторот по прогласување на вонредната состојба и затворање на градинките реагираа и бараа да се реши нивниот статус, на барање на ТЕХТ.МК, добивме одговор од МТСП.

Го објавуваме нивниот одговор во целост:

“Мерките за заштита и превенција од ширење на Коронавирусот COVID-19 ги утврдува Владата на Република Северна Македонија. Истата ги утврдува и категориите на лица кои треба да бидат ослободени од работа. Во услови на здравствено-економска криза Владата донесе низа мерки за поддршка на најранливите категории и обезбедување на соодветна заштита и грижа за децата. Секое барање се разгледува од сите надлежни институции за изнаоѓање на најсоодветни решенија.

Покрај продолжување на периодот на платено отсуство од работа поради нега и одгледување на новородено и посвоено дете на сите оние на кои отсуството им завршува во периодот на вонредна состојба, се до истекот на траење на времените мерки, се донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за работни односи, каде се уреди и искористувањето на првиот дел од годишниот одмор од календарската 2020 година за работници вработени во приватниот сектор. Според Уредбата, делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, треба да се искористи до 30 јуни 2020, согласно работниот процес и одобрението на работодавачот.​​

Дополнително, информираме дека во тек се подготовки за отворање на градинките, согласно усвоените протоколи од страна на Владата, а согласно препораките на Комисијата за заразни болести.”​

Н.Д.