Чешката влада донесе одлука за воведување на седумдневен полициски час во земјата, од 21 до 5 часот наутро, од среда и дополнително да се ограничи работата на продавниците за малопродажба.

Полицискиот час ќе биде во сила од 28 октомври до 3 ноември, од 21 до 5 часот наутро, изјави вчера министерот за здравство Роман Примула по состанокот на владата, наведувајќи дека во исклучоците спаѓаат службени патувања и неопходни семејни посети.

Продавниците, кои продолжуваат да работат според сегашните ограничувања, мора да бидат затворени до 20 часот и во недела, со исклучок на бензинските пумпи и аптеките, пренесува Ројтерс.

Воведени се построги мерки заради сериозно влошување на епидемиолошката состојба. Чешката викендот пријави 12.472 нови случаи на коронавирус, а 106 лица починаа како резултат на инфекција со коронавирус.

Во Чешка, потврдени се 10.273 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, што е седмо највисоко дневно нови откако овој месец прв пат беа евидентирани повеќе од 10.000 новоинфицирани лица за еден ден во таа земја.

Во текот на минатата недела, дневниот просек на новозаболените беше повеќе од 12.000.

Според Ројтерс, Чешка се соочува со најбрза стапка на инфекција во Европа во последните две недели, со 1.324 случаи на 100.000 жители. Уште 164 лица починаа од последниот пресек.

Во Германија повеќе од 11.000 новозаразени

Во Германија, во последните 24 часа биле потврдени 11.409 нови случаи на коронавирус, а 42 лица починале, објави Институтот за инфективни болести Роберт Кох. Како резултат, вкупниот број на заразени се искачи на 449.275 од почетокот на епидемијата, а вкупно починаа 10.098 лица, пренесува Ројтерс.

Рекордни 2.243 новозаболени во Бугарија

Во Бугарија, во последните 24 часа се потврдени 2.243 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата. Во тој период биле тестирани 7.659 примероци. Од последниот пресек починаа 42 лица. Најголем број на новоинфицирани има во Софија, 913, пренесува Тасс. Меѓу заразените има 1.948 лекари. Од почетокот на епидемијата во Бугарија заразени се вкупно 40.132 лица, од кои 1.136 починале.

Рекорден број на смртни случаи од коронавирус во Русија

Рекорден број на смртни случаи од коронавирус е забележан во Русија на дневна основа, откако во изминатите 24 часа беа регистрирани 320 жртви, соопшти денеска центарот за борба против кризата со коронавирус. Ова е, во исто време, големо зголемување на бројот на смртни случаи во споредба со понеделникот, кога беа пријавени 219 жртви на вирусот.

Вкупно 26.589 лица починаа од коронавирус во Русија досега, пренесува ТАСС. Во изминатите 24 часа беа евидентирани 16.550 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на пациенти се искачи на 1.547.774, се вели во соопштението на центарот. Има 362.245 активни случаи.

Неофицијално: Во Словенија 1.499 новозаразени

Според неофицијалните податоци на Телевизија Словенија, во таа земја во последните 24 часа се потврдени 1.499 нови случаи на коронавирус, засновани на 5.756 тестирани примероци. Ова значи дека 26 проценти од испитаниците се позитивни.

Во таа земја се во сила нови мерки од полноќ, кои вклучуваат забрана за движење помеѓу општините, што ќе важи на територијата на целата земја. Забраната, која ќе биде во сила седум дена, постепено ќе се олеснува во оние региони кои најуспешно ќе се борат против пандемијата на коронавирус.

Во Украина, 6.677 нови случаи на коронавирус

Во Украина, во последните 24 часа се пријавени 6.677 нови случаи на коронавирус, што е за 1.251 повеќе од претходниот ден, објави Советот за национална безбедност и одбрана.

126 лица починаа од последниот пресек, пренесува Тасс.

Во моментов има 203.675 активни случаи. Од почетокот на епидемијата во Украина, регистрирани се 355.601 случај на коронавирус, а починале 6.590 лица.

Италија: Мерките остануваат во сила и покрај насилните протести

Еден ден по насилните протести против заострување на анти-ковид мерките во неколку италијански градови, премиерот Џузепе Конте тврди дека мерките остануваат во сила.

Тоа е тешка одлука на премиерот, кој се најде под притисок на експерти кои тврдат дека требало да се преземат поостри мерки порано затоа што вирусот се шири експоненцијално, а од друга страна бара протести од сопствениците на оние активности кои ќе претрпат штета поради мерките, јавува агенцијата АГИ.

„Се чини дека оние што протестираат не се свесни за ситуацијата“, изјави министерот за култура Дарио Франческини за агенцијата Анса.

Денес премиерот Конте ќе прими и ќе разговара со делегација на сопственици на барови, ресторани, спортски сали и културни институции кои исто така се противат на мерката за затворање, за да го објасни во директен разговор она што веќе го кажал за медиумите – дека се донесени строги ограничувања како последно средство за да биде избегнат карантин.

Во вчерашните протести беа вклучени припадници на движењето „ултрас“, како и криминалци познати на полицијата, а меѓу уапсените е претежно оние кои се обиделе да ги искористат протестите за кражба или ја нападнале полицијата.

Министерството за внатрешни работи е во максимална приправност, а пред неколку месеци министерката Лукана Ламоргезе предупреди дека понатамошните ограничувања може да доведат до немири.

Засега, членовите на услужните активности протестираат против интензивирање на анти-ковид мерките. Ситуацијата е под контрола сè додека работат работниците во големите индустрии, а не  протестираат на улиците.

Во Полска 16.300 новозаразени

Во Полска за еден ден е забележан рекорден број на новоинфицирани со корона вирусот, 16.300, а премиерот Матеуш Моравиецки предупредува дека демонстрантите против заострувањето на законот за абортус го занемаруваат ризикот од масовна инфекција.

Во претходните пет дена во Полска се одржаа масовни протести против одлуката на Уставниот суд, според која абортусот на фетус со вродени дефекти стана нелегален. Полска веќе имаше еден од најрестриктивните европски закони за абортус, а пресудата практично значи скоро целосна забрана за абортус.

Во Унгарија, повеќе од 2.000 новоинфицирани

Во Унгарија, во последните 24 часа беа потврдени 2.079 нови случаи на коронавирус, а 63 лица починаа, објавено е на официјалната веб-страница за следење на епидемијата.

Во таа земја има 45.461 активен случај. Во болниците има 2.891 пациент, од кои 243 се на респиратор, пренесува МТИ. Од почетокот на епидемијата во Унгарија, потврдени се 63.642 случаи на коронавирус, а починале 1.535 лица.

Во Австрија 2.835 новозаразени

Во Австрија, во последните 24 часа се регистрирани 2.835 нови случаи на инфекција со коронавирус. Бидејќи вчера беше државен празник, имаше помалку тестови отколку во работните денови.

Овој пат главниот фокус е покраината Долна Австрија со 590 новоинфицирани, следена од Виена со 456 и Тирол со 436. Во Горна Австрија има 405, во Стирија 367, во Ворарлберг 234 …

Осум месеци по почетокот на епидемијата во Австрија, бројот на смртни случаи надмина 1.000, односно денес достигна 1.005. Од почетокот на епидемијата во Австрија, 82.102 лица биле позитивно тестирани за корона вирус, а 60.308 биле излекувани.

Во Романија 4.724 новозаболени и 104 починати

Во Романија, во последните 24 часа се потврдени нови 4.724 случаи на коронавирус, а 104 лица починаа, објави кризниот штаб на таа земја. Од последниот пресек, тестирани се 28.876 лица.

Во овој момент, 10.758 пациенти се хоспитализирани во Романија, од кои 824 се на интензивна нега, пренесува „Аџерпрес“.

Од почетокот на епидемијата во Романија, потврдени се вкупно 217.216 случаи на коронавирус, а починале 6.574 лица.

Белгија најтешко погодена од короната во цела Европа

Белгија во моментов е најтешко погодена земја од коронавирус во цела Европа, со најголем број на инфекции на 100.000 жители, покажуваат податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Во текот на изминатите две недели, Белгија пријави 1.390,9 нови инфекции со коронавирус на 100.000 жители.

Чешка, која досега беше лидер во Европа, во моментов пријавува 1.379,8 случаи на 100.000 жители. Во моментов, Луксембург е на третото место со 760 случаи на 100.000 жители, па следат Словенија (732) и Холандија (694). А.Н.