четврток, април 25, 2024
домаЕвропски денови на културното наследство 2021 од 22 до 28 септември  

Европски денови на културното наследство 2021 од 22 до 28 септември  

Со активности организирани во рамките на темата „Културното наследство за сите“ во нашата земја во периодот од 22 до 28 септемви ќе се одвива одбележувањето на Европските денови на културното наследство 2021 година. Како и во повеќето европски земји, целта на темата е да се сврти вниманието кон маргинализираните групи и лицата коишто се, на одреден начин, попречени во нивната желба да го запознаат нашето богато културно наследство, како дел од заедничкото, европско наследство.

Европските денови на културнотo наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Во соопштението за медиумите на Советот на Европа по повод овогодинешното одбележување, генералниот секретар Марија Пејчиновиќ Буриќ изјави: „Креирањето на споделени искуства преку културата и уметничкото изразување претставува моќна алатка за засилување на социјалната кохезија, почитувањето на различностите и човековите права за сите. Демократското партиципирање во културата е клучен инструмент во постигнувањето на овие цели. Европските денови на културното наследство придонесуваат кон градење на мостови, славејќи го богатството на европското културно наследство, и тие ни даваат извонредна можност да го истражуваме и осознаваме  мозаикот на култури од коишто се состои Европа. Исто како и слободата на изразување, слободата на културно изразување е суштествена за креативноста и збогатувањето на културниот живот“.

Во согласност со темата, Музејот на Република Северна Македонија ќе донира училишни ранци и друг прибор, како и публикации од издавачката дејност на музејот, на децата со оштетен слух и говор од ДУЦОР „Партеније Зографски“. Во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија се предвидува посета на музејот и работилница за лица со Даунов синдром. Националната галерија на Република Северна Македонија ќе организира работилници насловени „Прифати го другиот и освести ме“, за деца со оштетен слух, говор и вид, и „70 години од првата Национална поставка“, со деца од бошњачкиот етникум. Во Музејот на македонската борба ќе може да се посети изложбата „ФОКУС – инклузија и пристапност на музејски артефакти“. Во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија ќе биде отворена изложбата на 10 тактилни слики, пропратени со опис на Брајово писмо, фотографија и текст, насловена „ЕДЕН ЧАС – ONE HOUR“. Завод и Музеј Битола ќе реализира интерактивни креативни работилници со деца од ромската заедница и деца со оштетен слух, говор, глас и други попречености, а ќе биде организирана и посета на Хераклеа Линкестис, за лицата со телесен инвалидитет од Битола. Музејот Демир Капија организира креативна работилница насловена „Музејот во очите на децата од Специјалниот завод во Демир Капија“, а Музејот „Теракота“ од Виница предвидува еднодневна едукативна екскурзија во соработка со Дневниот центар за лица со попреченост во развојот.

Покрај настаните со физичко присуство, на кои ќе бидат запазени сите протоколи за заштита од Ковид 19, ќе може да се следат настани и на социјалните мрежи. ИКОМОС Македонија ќе постави „Виртуелни интрепретативни прошетки низ Охрид и Битола“, а Центарот за креативни индустрии – НЕБО од с. Суводол, Демир Хисар, ќе земе учество со виртуелна ликовна изложба на маргинална уметност.

Имајќи предвид дека 2021 година е прогласена за Европска година на железниците, од европскиот координатор во Советот на Европа беше препорачано да се сврти вниманието и кон наследството на железниците. За таа цел, Музејот на тетовскиот крај ќе организира едукативни активности на Железничката станица во Тетово и ќе ја отвори изложбата „Фотографии од градењето на железничката станица во Тетово 1951-1952“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ