Полска, Унгарија и Чешката Република го прекршиле законот на ЕУ кога одбиле да примат бегалци, во согласност со квотите за 2015 година, одлучи Европскиот суд во Луксембург. Како што се наведува во пресудата, земјите-членки не можат да ги оправдаат ваквите одлуки „со зачувување на јавниот ред и заштита на внатрешната безбедност“ или со наводната „нефункционаност на применетите механизми“.

Трите земји-членки до Европскиот суд ги пријави Европската комисија со барање да се утврди дали ги прекршиле своите обврски кои произлегуваат од правото на Унијата со тоа што не доставувале информации на секои три месеци за тоа колку барања за меѓународна заштита би можеле да ги прифатат.

Кон средината на 2015 година беа утврдени квоти за прием на бегалци и мигранти кои вотој период влегуваа во ЕУ од Грција и Италија. Во согласност со тоа, Полска се согласи да прифати 100 луѓе, но не прифати ниту еден, Чешка најави дека ќе прифати 50, но прифатила само 12 лица, додека Унгарија ја игнорираше таквата идеја.

Судот утврди дека сите три земји-членки ја нарушиле одлуката донесена од Советот за задолжително преместување на 120.000 апликанти за меѓународна заштита од Грција и Италија во други земји-членки на Унијата. Полска и Чешката Република исто така ги прекршија обврските што произлегуваат од претходната одлука, насочена кон преместување на 40.000 подносители на такви барања.

Според соопштението на судот, аргументот на трите земји-членки дека тужбите на Европската комисија се „недозволиви“ беше отфрлен затоа што периодот на примена на решението истече во 2017 година. Судот смета дека одговорноста за кршење на правилата на ЕУ мора да се утврди, меѓу другото, и поради одговорностите што овие три земји ги имаат пред другите членки на Унијата.

Европскиот суд истакна дека при преместувањето, земјата-членка мора да води сметка за заштита на националната безбедност, но дека не може да се правда со општи тврдења.

„Во овој контекст, потребно е да се испита секој поединечен случај врз основа на соодветни, објективни и конкретни елементи врз основа на кои конретен барател може да се сомничи дека претставува непосредна или потенцијална опасност“, наведува судот во одлуката. А.Р.