Нодамна ми се обрати една музичка легенда, академски автор и изведувач, да ме праша кога и каде имало објавен конкурс за навивачка химна на македонската фудбалска репрезентација, сакал да конкурира, и каде публиката гласала од понуденото на музичарите, затоа што песната која би се снимила само така би била официјална релевантна и би отсликала една нација/држава. Се согласувам. Репрезентација е општествено добро и во време на демократија и можност да се гласа на повеќе начини, тоа е единствениот легален пат да се избере нешто како што доликува.

Но, јас како целосен фудбалски непознавач го упатив кај спортски новинари, патем и му кажав дека последно што знам официјално и регуларно избрана химна во 2007, со гласање на преку 200.000 телевоутинг гласачи и во конкуренција со други химни е “Македонија навива за Вас” со грлатиот ангелски глас на нашиот легендарен Тоше Проески, каде името на нашата земја гордо грми и крева сила, енергија и адреналин до вртоглавица, да рипаш од трибини… И тука таа тема ја затворив, барем јас. Ако дознае за јавниот оглас, музичарот број 1., нека ми каже и мене.

Денес, добив исто такво барање од друг познат музичар и творец, да му кажам каде бил објавен било каков конкурс за пријавување на свое учество во новогодишна програма на плоштад, не му паднало право откако дознал дека истата чинела над 700.000 евра (што можеби и сето ова е шпекулација а можеби и не, не навлегувам во оваа пригода) а тој немал ни шанса да се пријави.

И за ова прашање јас сознанија немам. Мојот став многу пати е напишан дека вредноста на делото да биде оценувано според побарувачката на пазарот за музика, а културата во една земја мора да биде креирана, водена, издигнувана строго институционално и професионално, а не пазарџиски, евтино, монополски, протекционо, пристрасно, со еден збор – уништувачки.

Државата си има Министерство за култура и свои институции, во кои верувам се примаат строго професионалци, а избор и програма составена од градоначалник за мене е непривлечна и можам да речам дури и нелегална, со самото тоа што градоначалникот не е избран за тоа и не треба да се меша каде не му е местото(во естрада и сцена) од ниеден аспект и сегмент. Сето тоа ми е на ниво на приватна журка, а на приватни журки ретко се обѕирнувам. Одам само на приватни журки со проверен вкус, не губам време.

Ама и тука има едно “Но”. НО! Бидејќи се трошат општествени пари, и тоа огромни суми, кои доколку би се распределиле правично за сите ќе има, музичарот број 2 за одговор го упатив на здруженијата на Музичарите.

-Слушај, за да не ви газат по честа и образот, најдобро е да се обратите до четирите здруженија кои ги имате и челните луѓе во нив има јако да ги раздрмаат и тие што се осмелиле да снимаат химна без конкурс, а и тие што настапувале на повик од градоначалници, и тие што ги кршат сите други правила и принципи на една цивилизација… Има да видат тие убаво, му реков. Повеќе и немав и не знаев што да му кажам.

Да, навистина тие здруженија во основа се формираат да ги штитат правата, образот, честа, достоинството и дигнитетот на настапувачите, артистите, учесниците во сцената. Да бидат насока и да создаваат рамноправен и рамномерен концепт, јавен и транспарентен и да има за сите. Буквално за сите, до еден. Не само за некои и не се само за правење на планови за земање пари, зашто во тој случај подобро е да засириш и продаваш сирење, повеќе ќар ќе имаш и почист образ отколку да земаш пари по речиси “мафијашки” принцип, што не доликува.

Тие здруженија првенствено мора да го заштитат уметникот и правичниот критериум за се што се случува на сцената.

-Верувам дека ги имате, му реков, а ако ги немате да ги создадете, да ги создадете онакви какви што треба да бидат и со луѓе уметници артисти кои се пример за чесност, доблест, колегијалност, професионалност, култура на однесување, култура на творење, конкурентност. Се!

Тоа му го реков, и се поздравив, а она што ќе го добие како одговор, нека ми го каже, и јас самата ќе дознам, инаку немам од каде, а и сум должна да и го пренесам на јавноста.

ПАРГО

https://m.youtube.com/watch?v=Dqt2mfsq-CQ&feature=youtu.be 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.