Еднаш дневно: ГРАДОНАЧАЛНИЦИ 

71
Би сакала веднаш да упатам јасно и конкретно прашање – може ли да се направи овој пат да нема класични избори за градоначалници, ами цивилизирани меѓупартиски договори и да се избере се што треба со договор? А парите предвидени за изборите да се искористат за градските потреби на градовите?
Знаеме дека, и вака и така, пак се поставуваат градоначалници со заткулисни договорања, особено онаму каде ќе биде тесно, само што на овој начин ќе ни бидат спасени многу, многу пари и, поважно, нерви.
Може ли?
Би било идеално дотолку тоа се случи. Како граѓани сме изморени, како гласачи сме откажани, од било какви избори. Се покажа дека во вакво, крајно поларизирано општество, изборите не помагаат, ами само одмагаат. И наместо да е се подобро и подобро, се случува  обратното. Затоа што секој ја користи својата сила “против”, наместо “за”.
А тоа понатаму се одразува, како домино ефект -од мал потег, многу работи, како по синџир, одат во деструктивна насока.
Навистина се малку четири години за еден градоначалник да постигне нешто спектакуларно за една општина. Додека се подготви, додека влезе во ритам, додека оформи екипа, додека ги постави работите како што треба, и тамам да почне со полна сила, дошле нови избори. И пак се одново. Тоа што се почнало останува на статична точка, или на статус кво…
Уште поголемо промашување на нештата е што градоначалниците пред изборите вложуваат максимална енергија на “кратки патеки”, наместо на крупните нешта тие по сила на околностите се сконцентираат на помалите, а кои навидум носат поголема видливост и со тоа прават кампањски и често пати и фушерајски зафати, така што и од тоа ефектот е помал отколку што би можел да биде, доколку се работи квалитетно, стрпливо, по правила и прописи.
Од друга страна, нападите, реакциите, обвинувањата  навредите, караниците, кои доаѓаат од спротивната страна им ја доодзема енергијата, а од сето тоа на крај се нема никаква општествена корист. Што е спротивно на целта за која одреден лик е поставен за градоначалник.
За жал мора да се констатира дека и многу од гласачите адреналин пронаоѓаат во секојдневни остри напади на фејсбук. Тој адреналин е привремен и бескорисен, исто така, откако ќе го испукаш и самиот ќе сфатиш дека само те испразнил.
Згора на тоа и ПР стратегиите им се смешни или иритирачки, не ретко и недолични и во насока на навредување на интелегенција. Итн итн. Многу има да се каже…
Во оваа пригода, јас само за крај, би сакала да упатам јасна порака (без “може ли?” ), може ли?
-Да се направи овој пат да нема класични избори за градоначалници, ами цивилизирани меѓупартиски договори и да се избере се што треба со договор. А парите предвидени за изборите да се искористат за градските потреби на градовите!
И (не)гласачите сити и градоначалниците на број.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.