Еднаш дневно: ГУМА ЗА СПАСУВАЊЕ?

0
118
Ако нешто ми останало недоволно јасно во мојот досегашен работен век, а никогаш не е доцна да прашаш тоа што те интересира, исто и да оствариш тоа што сакаш, е начинот на кој се финансираат приватните концерти и манифестации.
И посебно, финансирањето на оние музички настани кои ги прават градоначалниците, иако тука ми е понејасно зошто воопшто ги прават самите тие, кога за тоа имаме директно културни институции и министерство за култура, и домови за култура и цела една “армија” вработени врвни професионалци во нив. Зошто воопшто се занимаваат со тоа, зар малку им е работа со пукнати цевки или пополнување дупки на асфалтот?
Кога не знаеш нешто не е срамота да си прашаш, па така мене деновиве ми се заврти во глава прашање кое сакам да му го поставам лично и директно на господинот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов.
Можеби немаше да ми текне, ако не беше еден приватен организатор на концерти, а не институција, во емисија на тв каде ни соопшти дека му е благодарен на Шилегов затоа што лани летото му фрлил “гума за спасување”(а тоа не било на некоја од нашите плажи, ами станува збор за пари на сметка). И тоа ја пофали и како една добра гума. Ме замисли.
Сфативме веднаш што сакаше тој да каже, а и без тоа ќе сфатевме, се разбира, нашиот градоначалник не е инструктор за спасување, ниту е чувар на плажата, туку е правник и адвокат, па сега приватното лице со своите желби, идеи и обиди, не ми е никаков “субјект на опсервација” ама господинот градоначалник логично би било јавно да го запрашаме, а тој како легалист и јавно да ни одговори, во неговата работа, впрочем, и нема ништо тајно.
За каква “гума за спасување” станува збор и од колку цифри? Како е одлучено и зошто? Кој стручен тим одлучил за соработка со приватното лице и зошто? Ако се мисли на префрлање пари за приватниот бизнисмен за плати, среде пандемијата, не верувам дека тоа би го направил градоначалникот, бидејќи тоа не е во доменот на неговата работа, а и не е тој социјална служба. И зошто па во таков случај би префрлил пари таму, а не да речеме кај мене или кај било кој од 800.000 жители од градов кои ги има под своја закрила?
Или ако му префрлил пари за некој настан на приватниот бизнисмен, како потребен проект , зошто тогаш тој го нагласи со благодарност и како личен момент?
И  ако тој настан бил непходен (какви  само што се поддржува во време на пандемијата) зошто градоначалникот воопшто би се грижел за концерт на приватна продукција, или би нарачал било каква таква услуга кај приватно лице кога и самиот, од неговата позиција, има тимови и тимови кои би ја завршиле секоја работа. А има и институции и министерство како што реков. Да не ги потценуваме. Тие се од државата платени за тоа, нивната стручност е голема и ќе си ја завршат работата. Што ли спасувале со гумата?
Многу прашања се отворија, но ајде да се обидеме да поставима една рамка, во која би се дал одговорот што го очекувам.
Приватни лица кои сакаат или организираат некаков настан, има многу. И тоа е едноставна филозофија. Си вложуваш некои свои пари, или обезбедени од спонзори, фирми, грантови, повикуваш ѕвезда (тоа е најлесно, за пари секој доаѓа), продаваш билети и на крај добиваш резултат, успешен или неуспешен концерт, продаден или непродаден, и правиш пресметка колку пари си вложил, и колку ти останале. Ако си влегол во загуба, си плаќаш од џеб, како секој кој сам на себе презел ризик (никој со сила не го молел баш тоа да го работи, ако не е во можност), а ако добиеш профит оди во твој џеб.  Тука поставеноста на работите е многу јасна.
Од друга страна, ако некој настан е од значење за градот, нацијата, државата, парите си ги обезбедува државата и го спроведува својот план и замисла преку своите стручни служби.
Тогаш, да не должам со прашања и да не навлегуваме во метафори.
Да не губиме време  за џабе, тоа не се враќа, да го упатам прашањево уште еднаш јавно и јасно, каква гума за спасување фрлил господинот градоначалник Петре Шилегов минатото лето кај приватна продукција и што спасувал со таа гума? Како е одлучено и од страна на каков и кој тим? Како потпрашање, ќе ми фрли и мене гума на спасување доколку тропнам на вратата од неговата канцеларија, а потоа нека избира која ѕвезда сака да му ја донесам, рековме кога имаш пари секого можеш да поканиш да дојде да пее.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.