Специјално од Торино за text.mk, Валентина Ѓоргиевска Парго 

Според една легенда откако Микеланџело го направи односно го извајал својот Давид, со перфекција рамна како од рака на најпрецизни богови, од пуста мака што Давид не може да му проговори, стиснал тупаница и силно ја удрил статуата “Прозбори Давиде!”, и го скршил кај коленото. Ја уништил таа боговска перфекција, со еден удар.

Давид е ремек-дело на ренесансната скулптура, создадена во мермер меѓу 1501 и 1504 година од магионичарот уметник Микеланџело. Давид е мермерна статуа на библискиот лик Давид, висока 5,17 метри , омилена тема во уметноста на Фиренца.

Италија, земјата на стилот, на културата и уметноста, во поново време го има својот нов Давид, Дамијано Давид, како подвижна жива фигура, извајан од некој невидлив Микеланџело. Ни помалку, ни повеќе, таква перфекција може да створи само Микеланџело, магионичарот.

Да, токму таков глас го бие совршениот млад рок пејач, на кого убавината и талентот му се нешто како подарено од боговите. Тој, со бендот “Манескин” ја однесе победата минатата година на Евровизија, група во која се вклучени и ангелски убавата, извајана како ремек-дело Викторија и Итан и Томас. Четири ремек дела на природата. Во секој поглед. Римјани, другари од деца.

На оваа Евровизија, како вистински домаќини,” Манескин” се појавија во завршното шоу со хит-песната “Супермодел”, инаку во приватниот живот убавецот веќе пет години е во врска со италијанскиот модел и инфлуенсерка Џорџија Солери.

Дамијано течно зборува англиски и малку шпански и француски јазик. Тој е застапник за правата на ЛГБТ, затоа често ќе го видите и во бањарка и во пењуар и во здолниште и во подврски, но знае да рече дека ќе го видите и во костим, елегантен, машки, скроен за него како лиен.. Тој е исто така страстен навивач на асоцијацијата фудбалски клуб А.С. Рома.

Но, најважно за него е што Дамијано има толку слободен (модерен рок) дух и оттука можеби затоа ја сака симболиката на грчкиот митолошки лик Икар, кој има тетоважа на крилја и цитат што се однесува на Икар на неговиот колк, и тоа го има земено и како негово корисничко име на социјалните платформи.

Тој е неодолив Италијанец, за кого самите Италија велат дека е совршен, толку искулиран што не само што не ја чувствува славата, туку таа поминува покрај него. И тој и целиот бенд. И, не, не зема наркотични средства, ќе ви речат голем дел од италијанските новинари. Тоа е само фама околу него. Дамијано е потполно свесно момче. Опуштен и многу кул, такви се сите во бендот.

Тој ја сврти Италија и Европа на глава, досега никогаш немало светски толку познат пејач од Италија, иако до таму се и Ерос Рамацоти и Марио Бјонди, и европски познатите Доминико Модуњо, Чиљола Чинквети, Тото Котуњо. Младоста, убавината, отворената енергија му го донесоа тој статус. Секој ден се на различни меридијани, освојуваат награди од Билборд, до сите други светски музички награди, пеат на сите светски фестивали од најважен формат, како и на Коачела, а имаат соработки со најпознати имиња, како Иги Поп. Нели малку наликуваат и на “Квин” во најубавите времиња и на “Ред хот чили пеперс” во екот на својата слава? А сепак се свои.

Не се преамбициозни со нови снимања, песни објавуваат дозирано, што е мошне симпатично. Тие се идоли на младите, ги обожаваат заради својата и “слаткост” која им извира од ликовите, “неизвалканост”, добрина, позитивни вибрации… Не се ни производ на машинерија, сѐ си стекнаа сами, со своите таленти, убавина и природност.

И, сега, доколку Микеланџело би бил жив , нема да има потреба да ги ваја, ни да стиснува тупаница. Доволно е само да ужива и да ги гледа овие ремек дела од млади музички луѓе, кои се раѓаат еднаш на не знам колку столетија.

Нивната слава е ново поглавје и за Италијаните, славата и убавината на Дамијано Давид е пренесување од бајките во реалност… Уште долго нека ја забавуваат својата публика, таа нека станува сѐ побројна. Чин чин, белисими…. А, веќе растурија и со новата песна “Супермодел”… Ова е нивно време.

Дефинитивно! 
 
ПАРГО