Еднаш дневно: ДОЛГА Е РАЧКАТА НА МОТИКАТА 

197

Сатиричарот Иљче Затаракоски на својот фејсбук профил синоќа објави пост на охридски дијалект, кој гласеше “Можевте музичарите да ги ставите попишувачи, бар за сметки да имет.Ем повесел пописот, ем нешо бакшиш ќе лапнеа”.

Потоа напиша и текст со наслов “ЗА ПОЛА ХОНОРАР: ДЗС им нуди на музичарите да бидат попишувачи” во кој вели :

По скоро цела година забрана за работа, музичарите, како една од најпогодените професии од коронакризата, конечно ќе добијат шанса да заработат за живот, но и да помогнат со спроведувањето на пописот за чие спроведување фалат уште 1000 попишувачи.

Затоа Државниот завод за статистика и Владата изработија акционен план кој предвидува на музичарите да добијат само пола хонорар затоа што ќе мора поминат брза обука за попишувачи за разлика од другите, но разликата во исплатата ќе можат да ја компензираат на друг начин.

Имено, тие за време на попишувањето ќе имаат право да ги носат своите инструменти и да свират на нив за бакшиш, но песните што ќе ги исполнат ќе морат да се во акустична верзија и со бавно темпо за да се спречат танци и ора додека трае пописот.

Текстот на авторот завршува тука, ама идејата што ја дал и тоа како може да прерасне во нешто полезно. Зошто па да не станат дел од музичарите и пејачите попишувачи за хонорар, кога периодов немаат други ангажмани?

Не го мислам ова сериозно (се разбира попис не треба да има заради пандемијава) но фигуративно кажано треба да го прифатат ангажманот. Секој работен ангажман кој може да им донесе пари а можат да го изработат. Многумина кои живееја само од тоа сега немаат како да заработуваат. За седење дома државата пари нема да им дава. И да им даде еднаш два пати, три пати, повеќе нема да може.

Силни се и реакциите на народот кој во ситуацијава нема ни што да јаде, докторите изгинаа на работни места, а некој да бара да биде привилегиран да седи дома и да биде платен. А работел професија по своја волја без општеството да го бара тоа од него. Некој кој долги години имал (екстра) приходи од својата работа во музиката, заработувал и логично е да се праша зошто не заштедил, зар трошеле на скапи одмори и јахти ко шеици, или на купување на брендови како Парис Хилтон?

Пекарот не можел да заштеди, толкава му платата, колку леб ќе испече денес, повеќе не може, земјоделецот не може да заштеди, толкав му е родот на нивата, а и тој напати е под знак прашалник. И музичарот не можел да заштеди цели богатства, ама не морал ни да троши без мерка, ако трошел велиме . Повеќе од едно скромно трошење.

Одговорноста е иста, во секоја професија. Привилегијата во одредена професија е што повеќе луѓе те знаат и ти се восхитуваат, ако ги восхитиш.

Но, што е она што одредени музичари ги правело да се чувствуваат над вредностите на општеството и дека се нешто повеќе од секој друг граѓанин? Тоа се лесните пари што на одредени музичари им ги давале партиите или некои спонзори и со тоа и лажното его кое се напумпало и сега мал бодеж го пукнал балонот, и тој се истушил. И привилегиите. И насила воздигнувани кариери, тв гостувања, снимања албуми и спотови, баснословни фестивалски награди од по 15.009 евра, помогање за големи концерти. Само и само како умеат што повеќе од својата публика да привлечат и ја дадат како гласачи на партијата. Затоа и сите митинзи, сите партиски прослави, изминативе десеттина години вриеја од пејачи. Пејачи и музичари кои нагло пораснаа во свои очи.

Прашање на време беше кога ќе сфатат дека се поткупени и заведени, и искористени, за жал тоа се случува во една ваква за сите ризична и лоша освестувачка ситуација .

Не сите се разбира. Оние со високи стандарди во создавање на музиката, кои беа посветени на тоа, не се плеткаа многу со тие работи. Со твореа бавно, во свој свет, без помпа, без потреба од слава и многу публика наеднаш. Партиска публика, која исто така исчезнува при првиот бодеж на балонот.

Не е време за многу експерименти, овој предлог на извесен Иљче треба да се сфати со сета сериозност. Зошто како рекле, нема леба без мотика, а долга е рачката на мотиката. Колку подолга, толку повеќе плодови носи. Да не остане никој без леб. Кога нема леб од музика.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.