Еднаш дневно: Д-Р “ПОЛУСКАПОЦЕН/И КАМЕН/ЊА” 

208
“Докторе, докторе, глава ме боле, пипни горе, пипни доле, види шо ми е” …
Па да, си пеев вака, а, всушност докторот со својот толку инфантилен “господине” муабет ме врати назад во детството, лентата сама пред очи ме врати во градинка каде ја научивме оваа песничка по тајни канали од “машката детска соба”, а бидејќи ни беше забранета, скришум ќе ја изведевме само пред најдобрата другарка, со која за нашите тајни имавме завет на молчење.
Ајде вака. Да замислиме дека прво ова сега е прикаска, слушната во полусон и дека не беше тоа реално тв гостување на доктор, кој во некои прилики е нарекуван дури и научник, со огромна популарност на извесна јутјуб снимка (што за науката апсолутно ништо не значи, освен за реалити шоуата), поседува некакви си  полускапоцени камења, колумнист за меѓународна политика и поет во обид на детски песни, ама и: носител на многу висока функција во бројна политичка партија.
Во тој полусон, докторот малку накусо кажа свое мислење за здравствената ситуација, а потоа повеќе и понадолго ни соопшти дека секој втор поседувал полускапоцени камења (значи соседот Драги до мене и соседот Миле под мене, бидејќи јас не поседувам ниту пак знам како изгледаат) и дека по негова проценка за тоа не се одговара, за тоа не се оди во затвор, а оние кои во затвор од други причини, а му се нему драги или полудраги, тој оценил дека не треба да се таму, да се ослободат и да нема веќе меѓу нив и ривалите нешто како тешки камења.
Мене, искрено, во овој несуштински чамче муабет, како за во евтино реалити шоу, нај ме разочара симпатизерскиот однос на најпопуларните политички тв новинари – водители, од нив очекував поинаков, прашувачки став, додека јас од оваа страна на полусонот на секое се крстев и знам дека ако бев таму ќе велев-ама, чекај докторе, како мислите да се ослободат, ние судии ли сме, ама чекај докторе, како мислите секој втор има колекција со драги камења, немам ни јас ни соседот Драги, а ни Миле, ни Станко, ни никој кого јас познавам…
На крај од полусонот сакав да се јавам во телевизијата да прашам дали тоа стануваше збор за сценарио за филм на Бронкс во осумдесеттите, каде две банди под влијание на “супстанци” ќе се запукаат меѓу себе и ако преживее некој арно, ако не завршуваше филмот така и тоа беше се народе.
Ако пак не беше полусон на крај на муабетот сакав да го прашам господинот гостин-што мислите, зошто старите цивилизации како Римјаните, Кинезите, Хелените, Античките народи носеле закон? Таков закон што и ден денес ни се чини строг, ригорозен, ригиден, остар? Закон кој и ден денес е основа на сите закони? Зашто, светот во анархија и ала бронкс препукувања, преговарања и договарања, не може да опстои.
Еве да речеме дека разбрав што сакаше повеќевалентниот автор да каже. И потоа,  јас како поседувачка на  “филмски сценаристички мозок” го замислив тоа вака.
Зградата во која живееме со уште дваесеттина фамилии ги назначила соседите од најгоре за Куќен совет. Наместо парите што сме ги собрале за да го унапредиме животот во зградата да ги потрошиме во заеднички интерес, тие си ги потрошиле нерамномерно, себично и ништо не останало за нас, а потоа сметката ја расчистуваат така што зеле да се пресметуваат со палки, и мавај лево – мавај десно, мавај горе – мавај доле,   ги искршиле стаклата, вратите, лифтот, инсталацијата, цевките, вентилите… И сега во зградата нема ни струја, ни вода, ни прозорци, и наместо да ја поправат штетата, и да сносат одговорност, тие решиле да се помират и да си речат – еве се помиривме за да немаме камења на нозете, а вие бидете така.
За волја на вистината, цела зграда сака тие од најгоре да се помират, заради нивниот раат, ама па сега услови за живот нема, штетата е огромна, а тие не знаат што понатаму.
Не може! Ја сум сосетката од приземје, онаа незгодната, која застанала на главната врата и ви вели не може. Вратете се и поправете си ја штетата и одговарајте за тоа. Овде има куќен ред и тој важи за сите подеднакво. Ако вас ви простиме утре ќе се затепаат и соседите од трети кат и ќе ја направат истата штета и не ќе можеме ни нив да ги казниме. Потоа тие од петти… Овде не живеете само вие двајца, што ви се чини на вас, овде живее цела зграда. Не не може, вратете се се да поправите!
Докторот, од мојот полусон, ко да рече дека сака пак да гостува на ТВ. Е, тогаш, во следното реално шоу  ја молам телевизиската екипа да ме викне и мене, “сосетката од први кат”, сакам да му поставам некои конкретни прашања.
Сакам да го прашам – а кој ќе ги тргне тешките камења од нозете на народот кој бев вина беше и е оштетуван во таа сулуда пресметка ала Бронкс? Зар може да одиш на извршител, на доктор, на шалтер, во пошта, во бакалница и да речеш- ајде тргнете ми ги тешките камења од нозе, немам пари да платам? И, оп! Смешно е, знам.
Не, докторе. Не, господине докторе, скроз погрешен предлог и скроз погрешна порака праќате. Вие сте барем учен човек. И знаете дека колективна одговорност за инвидуална вина нема ни во бајките. Секој што си се огрешил, ќе си одговара.
Во зградата не живеат само соседите од најгоре кои се затепале, па смириле. Живеат уште дваесеттина други семејства, кој имаат подеднакви права и обврски кон заедничкото живеење.
А животот во зградата не е чешит снимка од јутјуб, државата не е Бронкс, партиите не се колекционери на полудраги камења.
А, законот?! Законот е свето писмо кое секој мора да го почитува максимално и буквално како што е запишано од збор до збор. Отстапки, нема! Ни во полусон.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.