Уште е “жешка” победата на Украина на Евровизија 2022 во Торино, уште не слегнале емоциите и возбудата, а Европа, особено евровизиските фанови сон не ги фаќа од неизвесноста каде ќе биде следната Евровизија. Нешто за кое одговор нема ни самата ЕБУ (организаторот). Затоа што, Украина е под воен атак и речиси уништена, и никој не ја зема ни како варијанта за одржување на Евровизијата таму.

Дури и победникот Олег, лидерот на бендот “Калуш Оркестра” , веднаш по победата замина на фронт да ја брани својата земја.

Има и тага и горчина во радоста од оваа победа на Украина (трета: 2004, 2016, 2022), таму луѓето живеат под дожд од куршуми, од смртоносни ракети, од желба за живот секој следен момент, а не се знае ништо што со нивните животи, домови, најмили.

Секој мирољубив човек, неизвалкан со мрачните мисли на разулавената глобална политика, не ја сака војната, и не знае како да се избори против неа, зошто загубата на невини луѓе е крах на целото човештво. Во 21 век. Кога нема потреба од војување.

Каде ќе биде? Во Велика Британија како второ пласирана, или во Шпанија како третопласирана? Дури има и предлози да ја организира Ирска, со оглед на тоа дека некогаш оваа тивка земја перфектно ја организирала една поранешна Евровизија.

Ако мене ме прашувате – јас би отишла во Украина и никаде на друго место!!!Ќе одиме таму. Ако треба под шатори, или на ливада. Ќе спиеме под ведро небо заедно со настраданиот украински народ. Не мора да биде тоа чудесна Евровизија каква што навикнавме да гледаме, со сите тие чудесии на модерната технологија. Нека биде едноставна, на обична бина, со обичен микрофон, песната впрочем е магична каде и да биде изведена, има порака за радост и оживување. Нека биде само собир на пејачи и песни.

Но, знам делегациите не се чувствуваат безбедни и нема шанси да одат таму. А кој би кренала раце на делегациите? Зарем и самата Русија (чија армија сега ја напаѓа Украина) не е дел од Евровизија и дури и победник, во 2008 година, па дури и домаќин?

Евровивизија секогаш ги промовира човечките права. Можеби ќе биде спасоносна идеја овој пат да ги промовира на самото место, лично и персонално во Украина. Иако длабоко во сите нас тлее надежта дека војната набрзо ќе заврши и дека Украина догодина, пардон, наскоро ќе биде слободна земја. Дека украинскиот народ повторно ќе ја вдише слободата, а сите ние ќе им поддадеме рака, да се исправат повторно. Исто како што сега цела Европа им подаде рака за морална поддршка, гласајќи за песната “Стефанија” која ни дојде токму од Украина.

Војната нека заврши час поскоро, наместо звук на куршуми нека се разлее звук од весела песна!

Евровизија 2023 нека биде во победничката Украина!

ПАРГО