Еднаш дневно: ЗЛАТНИ СЛАВЕЈЧИЊА

104
Едно од најголемите ветувања на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, или барем најпопуларно ветување, кое секогаш наидува на голем  и бучен интерес, е реновирањето на Универзалната сала. Објект од големо (емотивно) значение за скопјани и за љубителите на сценскиот живот, каде продефилирале бројни домашни и светски ѕвезди и секој оставил свој печат, свој белег во времето. Неколку децении наназад.
Пред неколку години, од еден топол објект кој буди само најпријатни спомени, се претвори  во арена за борби, откако претходниот градоначалник Коце Трајановски прво најави промена на името, што и се случи, во Конгресен центар, потоа и промена на изгледот, односно редизајнирање со целосно изменување и реконструкција. Тоа ја зоври крвта на скопјани, можеби беше и една од поголемите причини за тоа што веќе на следните избори избраа друг градоначалник, и покрај низа градби кои Трајановски ги направи во својот двократен мандат.
Двократен мандат е оптимален за сeкој градоначалник да покаже што имал на ум, еден е малку, знаеме сите. За четири години дома не можеш да реновира како што треба, а не цел еден милионски град, речиси метропола.
Но, повторно е Универзална во жижа и со новиот градоначалник, Шилегов. Тој прво беше поздравен затоа што го промени името, односно го врати назад, и реши да ја врати и старата Универзална, односно да не ја “пипне” со надградби и унакажувања, туку на база на постоечкиот објект само да се изврши потребна реконструкција.
Го држиме за збор! Дежурни следачи сме на овој проблем. Ако тоа го направи како што најави денес, тоа ќе му биде видливото, опипливо и конкретно остварување непосредно пред вториот изброр на градоначалник, се насетува дека планира  да се кандидира повторно. На тој начин ќе ги задоволи желбите на повозрасните генерации кои ја сакаат Универзална сала, и на помладите чие време доаѓа, кои пак ја сакаат реновирана и во склад со новите стандарди.
А за ре-отворањето можеби наприкладно би било оние најмилите и најважните “Златните славејчиња” едни од заштитните симболи на Универзална да одржат низа концерти и за мали и за стари, и за деца и за дедовци и баби, и со тоа да најават “нова пролет” на старата добра Универзална.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.