“Да се биде годинава на Евровизија со наша претставничка или не” е прашање кое уште два дена ќе ја мачи македонската јавност, по немилиот случај откако претставничката Андреа, фотографирајќи се на свечениот син килим при влегување на главната евровизиска забава, македонското знаме го фрли како жар од себе, за да се фотографирала и без него. 
Фрлање на знаме во било која ситуација  е чин на потценување на една земја и народот /народите кои живеат во неа, а според законот е и кривично дело. 
Дефиниција за знаме е дека тоа е парче ткаенина, обично правоаголно во форма и разнобојно, кое е обесено на јарбол или друг погоден држач, и се користи за идентификација и  сигнализација. Повеќето знамиња во последно време се изработени од полиестер, додека во минатото се користеле разни ткаенини, меѓу другите свила, тафта, памук, лен и волна.
Чинот на фрлање на знаме е познат само во војна, кога ќе го поразиш ни потцениш непријателот ќе му ја освоиш територијата, па го фрлаш неговото знаме и го ставаш своето. 
И, независно што Андреа упати извинување потоа, што некои и одбиваат на годините, некои на големото неискуство за на сцена, некои на адреналинот и еуфоријата, некои од емотивни или семејно-пријателски-колегијални  причини, во колективната меморија ќе остане врежана  непријатната слика на со насмевка фрлањето на знаменцето, кое предизвикува жар на гради и стегање во грлото, ионака ние доста сме осетливи и ранливи на таа тема во последно време. 
Не би навлегувала во причините па дури да се во прашање и најтајни заговори дали тоа го направила во договор и според некои многу повисоки политики (до кои не можеме да допреме, и за кои можеби не се информирани ни тимот од МТВ) или навистина тоа го направи несвесно, иако секое несвесно е свесно на некои скриени нивоа. 
А, “несвесното” кај Андреа јас го забележав при едно интервју, неодамна. Кога неколку пати повтори дека сака кариера надвор и дека смета Евровизијата ќе ѝ го овозможи тој влез. Тоа е она што загрижува. Таа својата иднина не ја гледа во матичната земја, како што не ја гледаат ни многу млади, односно цели млади генерации. Кои веруваат дека друга држава може да им понуди повеќе од својата, што не постои ни како исклучок. Затоа што – зошто некој Германец би се врзал за македонска пејачка повеќе од некоја своја германска ѕвезда, или бекојн шкотланѓанец повеќе би ја ценел од некоја домашна шкотланѓанка, или Французин од француска? Зошто друга држава би ти ја дала честа да ги претставуваш на Евровизија , кога имаат толку многу свои?
Познавањето англиски јазик и талент за пеење ни оддалеку не се доволни за пробив на туѓа сцена, дури ни како најчиста случајност. 
Во толку негативност во овој случај, мал зрак на позитивност е што кај народот сета таа болка силно му го пробудува чувство за својата држава и нација, и желба да го брани своето.
Возрасните се виновни за оваа ситуација, Андреа е само е резултат, одраз во огледало. Андреа само уште еднаш ја даде невидливата порака од својата генерација, дека овде веќе нив ништо не ѝм значи. И дека на овие млади генерации, треба многу да се работи, ако сакаме да го почитуваат тоа знаме, секој наш национален или традиционален симбол, својата земја и својата иднина овде.  
Еден таков блескав пример носам од пред точно 20 години. На една евровизиска забава во “Песинџер фабрик”  во Минхен, на која имаше неколку евровизиски пејачи од сите земји дури и неколку победници и тогаш актуелната победничка, за прв пат настапија и двајца пејачи од македонската сцена. Одеднаш, при настапот на едниот пејач во последните редови забележав гордо развиорено македонско знаме кое го вееше младо убаво момче. Бевме неколкумина од Македонија и првиот претседател на фановите Васе Трајковски, јас му реков дека ќе одам, морам да прашам кое е момчето што го вее знаме, од каде е? Кога му пристапив и почнав разговор сфатив дека тоа не знае македонски јазик. “Извинете ми рече, не зборувам македонски јазик, само албански, роден сум во Швајцарија, таму живеам, но дојдов овде специјално за забавата а знамето е во знак на почит на земјата од која доаѓа мојот Татко, кој е роден во едно убаво струшко село и секогаш ми зборува за тоа “… И гордо се фотографираме, за спомен… 
 
ПАРГО