Еднаш дневно: И ПРАТЕНИК, И ПЕЈАЧ…

127

Кога се спомнува пејачот Војо Стојаноски, во моите сеќавања прво одѕвонува неговиот стабилен машки карактер, па дури потоа мекиот глас, за кој во неколку ситуации имав шанса да се уверам со свои очи.

Фер е да признам дека во деведесеттите не бев запознаена со неговиот репертоар, на прво интервју го повикав затоа што мојот сосед и сосетка на кафе кај нив ме замолија да објавам едно интервју со тој познат пејач, да прочитаат сакаат за него. Зошто само претпочитам млади поп и рок пејачи и пејачки? Тој, кога пеел соседот го погодувал толку многу што на некоја свирка му дал десет марки бакшиш, кои гордо ги споменуваше, додека жена му, штедливката, за тоа малку му мрдаше со показалецот “Ах ти, еееее десет марки”.

По телефонскиот договор, господинот Стојаноски дојде во договореното време, во 14 часот во бифето на НИП “Нова Македонија”, и штом завршивме со пријатното интервју останавме уште малку. Тогаш го поздрави човекот од бифето и го праша кога пак во Америка на турнеја, а Војо одговори дека баш сега требало да биде на разговор по виза во американска амбасада, но потоа се сетил дека веќе мене ми имал ветено интервју, и дошол тука.

Виза доби и оствари многу добра турнеја, ми кажуваше потоа.

Следната средба беше зад сцената на “Охрид фест”, му земав изјава по негов настап. Во полутемниот и ѕвезден Долни Сарај се приближа уште еден човек, познат естраден лик, и побара извинување:

– Извини Војо, мора да те прекинам, нестрплив сум да прашам од каде е оваа новинарка?

Му подадов рака: “Мило ми е, јас сум Валентина, работам во НИП” .

-Ауууф, не знаев дека во НИП работела толку убава новинарка, ми даде комплимент новиот пријател, на што Војо го погледна остро и тој потоа повторно се извина:

-Ааааа повторно се извинувам, да така е и Твојата Евица работи во НИП, ама таа е твоја и не смееме да ја загледуваме, се пошегува и насмеа итро и уште поприродно пријателот.

Така всушност и дознав дека негова партнерка е мојата колешка, преку неколку канцеларии, за неа имав слушнато дека е во голема љубов со некого, сепак поради природата на работата во тогашен НИП приватните информации не беа моја мета и слободно можев да ги прескокнам. За чудење повеќе беше што неговиот текстописец, Миро Спироски, мој колега од спротивната врата со кого пиевме кафе и се среќаваме речиси секојдневно, никогаш не ми ни спомнал да напишам нешто. Ни еднаш.

Војо, фолк икона и во екот на најголемата слава, стана пратеник, и веќе не се сретнав со него за интервју. Бев отворено многу против што тој дојде да пее на “Фолк фест Валандово” . Самото негово пристигнување создаде голема фама од една страна, а наелектризираност кај конкурентскиот пејач и публиката што си ја имаше донесено и битката за победа беше меѓу нив двајца беше “лута” . Без потреба.

Рака на срце не ми текнува дали победи Војо, кон кого некои од страна организаторот како да имаа симпатии, или пејачот кој си донесе своја публика, кој од нив беше прв а кој втор, јасно се сеќавам дека мојот текст по фестивалот беше дискретно доста критички кон Војо.

Неговата песна “Да ни е жива песната” ми беше и во наслов на текстот, во тогашен “Вечер”, весник кој беше во тираж над 50.000 примероци.

Претпладне добив повик, не повик очекуван од Војо, од неговата сопруга, мојата колешка. Видно вознемирена, веднаш нагласи дека реагира од свое име, како тоа нејзиниот сопруг е ставен во таков контекст кога тој не купувал билети за победа, и зошто како да има чувство дека ја напаѓам неговата награда?

Од мој агол и објаснив дека не станува збор за местење, станува збор за принцип кој мора да се почитува, за принцип на (не)рамноправност, тој е пратеник и сега во старт неговата позиција и моќ го одделуваат од другите и додека е пратеник, не би требало да се натпреварува на фестивали со “пејачи”. Тој е се уште пејач ама и пратеник.

Ме изненади брзината со која го омекна тонот, да речеме дека дури и се согласи со мене и дека тие навистина не го гледале тоа така, го поканиле и отишол да пее, ништо не местел, не сугерирал, се е во ред, и така разговорот заврши со покана за кафе, убава тема ќе отвориме како новинарки, штом имаме слободно време.

Ништо не се промени потоа, Војо кај и да ме видеше ме гушкаше, седнуваше до мене, а неговата сопруга освен приватни дружби во ресторани, ме покани и нагости кај нив во модерниот нов стан.

Никогаш и не го спомнавме тој момент, немаше ни потреба-разјасниме дека јас го доживеав преку поглед од оваа страна на сцената, а тие тоа го сфатија и прифатија сосема коректно. Замисли да сакаа да почнат “војна” и да ја тегнат работата… Да го дигнеа носот, и да меревме кој од нас се чувствуваше повеќе во право. Каде би бил крајот?

Мешањето на политика и музика и да е сосема ненаместено и случајно, дава погрешна слика и можност за партиска етикета. Војо таа етикета си ја носеше, тој припаѓаше на партија и како мегаѕвезда имаше можеби и милионска публика, некоректно суета кон мене не покажа никогаш, тоа го почитувам. Не настапи ни од позиција на моќ. Барем јас не се соочив директно со такво искуство.

За други поинакви примери сум доживеала доста, но тие не биле така славни како овој. Биле примери кои биле злоупотребувани и не се вредни за спомнување.

Политиката многу често, и да речам кај нас секогаш се меша во музиката на ваков или таков начин, и естрадните новинари се под силен удар на некоја невидлива “железна политичарска тупаница”, најчесто поради глупост или нечија суета.

Овој случај и правилната реакција и кус дијалог која тогаш ги подобри и осветли нештата, во нашите (различни) фестивалски светогледи, многу ми значи и пак ќе повторам- политика и музика не би требало да одат едно со друго и двете треба да останат со свои одвоени “чисти раце”, дури и кога за момент се испреплетени, како што беа тогаш во случајот на господин Војо Стојаноски.

За да при влечењето на јажето секоја на своја страна, не ја повредат онаа најкревката – песната!

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.