Еднаш дневно: КВАЗИ РАП/ЕРИ

171
Не сум баш многу сигурна дека кај нас првенствено е сфатена рап културата и самата дефиниција за тоа.
Рапот, хип-хопот, се тоа правци кои се создале во некои мачни предградија како побуна и гнев кон општеството, државата, политиката, режимот,неправдите, неправилностите, репресијата, исклученоста, отфрлањето, дискриминацијата, предрасудите… Оние кој најмногу го почувствувале на своја кожа сето ова, крикнале.
Тоа беше музика која, се создаде во 70-тите а чинам, најголема слава доживеа во 80 – тите, малку и во 90-тите, потоа стана пародија и циркуз. Потоа раперите, стана милионери, со костуми, вратоврски и недвижности, цели острови, и “филмот заврши”.
Зборуваме за тоа дали оригиналниот рап ја постигна својата цел? И тоа како. 
Фактички, овој жанр пламнал во едни дискриминирани миљеа, ја создавале таа музика афроамериканците и латиноамериканците во опасното њујоршки предградие Бронкс во седумдесеттите. Каде се живеело опасно, меѓу генгови, гангстери, пресметки, и животот на сите висел на конец. Секој ден се случувале фатални невољи, а местото, иако дел од градот, како изолирано и оставено на себе, да живее во сиромаштија и банди. 
Таа музика е ритмичка музика, со ритмички и римувачки говор, како еден вид музичко рецитираше. Говор што се пее. И, како супкултура, ја дефинирана четири клучни стилски елементи: рапување, диџеј / гребење со грамофони, брејк танц и пишување графити. 
И текстови кои се поврзани со “побуна”. Побуна против системот, побуна против општеството. Борба. Бунт. Револуција. 
Целта ја остварило откако станува мејнстрим и ги свртува очите на светот кон проблемите со кои се соочуваат тие луѓе, ги извлекува од сенка, ги извлекува на површина. Почнуваат да се снимаат снимки, филмови, документарци за Бронкс. Да се демаскира животот меѓу мафија и банди. 
Животот кои го живееле и самите рапери, вклучени во трговија со луѓе и дроги, и самите зависници, и самите дел од дилери, кои често загинување во звукот на куршумите, во пресметки на бандите. 
Потоа, кога раперите стануваат многу мејнстрим, кога се збогатуваат енормно со својата музика, тогаш настанува и неофицијалниот крај на тој “филм” . 
Оваа супкултура постои и денес. Некаде како рецидив од една некогаш јака супкултура, а некаде како пародична имитација. 
Кај нас рапот се уште чинам не е стигнат, иако тропна на врата во деведесеттите. Мислам на оние симпатични песни со рапување на Ена Веко и “Студени нозе”, па дури и на некој начин и “Хавана бенд” и “Ластовица”, а секако и “Нулта позитив”, чија пак тогашна слава луѓето повеќе им ја припишува на учеството на Мирко Митревски, отколку на “хихирику” манирот во текстовите за Мара и за пенџерчето. Да повеќе беа “хихирику” , отколку рап. Но симпатични, певливи, допадлив, евергрини. 
Јас бев обожавателка на рап и на филмови со банди. Во оригинална формат. Погибијата на Тупак Шаќур, славен рапер кој загина во пресметка, ми се чини го погуби и рапот, оној вистински генг рап. 
Оттогаш живурка во облик на некоја имитација, а намерно не зборувам за оној мултимулионски рап кој понатаму стана само чист бизнис, пропаганда, кампања, комерцијала. Зборувам баш за рапот како (суп)култура. 
Ми недостигаше извесно време, и се сеќавам онаа попладне во 2005 година, откако ми заврши работното време во Редакцијата налетав на едно босанско радио на песна со наслов “Но сикирики” и го прочитав името на изведувачот, а немав трпение да дознам за него нешто повеќе ни да одам до дома и оттаму да сурфам, па останав уште неколку часа во безуспешно пребарување на нешто повеќе за тогаш непознатиот Едо Маајка. 
Едо Маајка е основач на балканскиот рап како супкултура, тој беа нималку лага и глума на уникатен мек начин со многу емоции во нарацијата и изведбата ги опиша стравотиите со кои се соочил за време на војната и поствоено. Ја опишал целата историја и ужасија на Балканот во деведесеттите. Нема песна која нема да те наежи и нема да ти направи филм пред очи. Ме ежи и кога не го слушам, доволно е да помислам. 
Едо е концепт, книга, и завршен круг. 
Е, има уште неколку социјални песни од белградски рапери и македонски рапери, (да го споменеме најактивниот Гоце Саф и други), но пак ќе речам само Едо го има целосниот успешен социјален рап концепт. 
Успешни и лесно допадлив се дури и две три рап песни од Балашевиќ, како пеење рецитирање на смешен текст, не рап како рап. 
Ама, рековме, рап не значи само рецитирање. Најмалку тоа значи. Вистински рап значи она од погоре. Концепт, стил на живот, презентација на вистина, целосна супкултура. Кога беа “бомбите” многу пораперски (од сите наши раперски) беа оние песни со сечење лепење и монтирање од оригиналните разговори , налепени врз а семплови, зошто претставуваа една вистина.
Не би се осмелила да наречам дека е рап нешто во кое се омаловажува и навредува без причина. Особено жената. Нешто во кое текстот е инфантилен како за на “Златно славејче”, со пофалба само за својата девојка, а како сите други не се вредни, или да е текстот како “печен” за во ЈО, со насилство, навреда кон жените како девојките се к*рви и пушат во диско.
И згора на тоа ако ги рецитира изведувач кој има да речеме канцелариска работа, или во маркетинг служба на политичар, со платени концерти од држава, министерство или политичка партија дајте не ме смејте!
Рапери кои пеат платени концерти од влада а во публика е цела влада. Се фотографираат со нив, се “браќа”, пријатели, хеј мен, дајте пак не ме смејте!
Тоа се режимски рапери и чинам наш изум. Јоу, јоу!
Можеби ние сме единствена земја во која ткн. рапер им заблагодарува јавно на власт, министри за негово опстојување и целосно создадената кариера (а со своето артистичко постоење треба да се бори против нив). Баш како на смешен филм. Comedy. Black Comedy.
Не, се е тоа во ред. Може да постои и таков хуморескен музички тренд еве ние докажавме дека и повеќе од теоретски можело, но мора да се изнајде нов збор за тие рецитирачки шлагери, да не се сквернави зборот “рап”. Впрочем, рековме, за него имало и жтрви, не поминале сите со лесно.
Но, верувајте, многу од она што кај нас самото се нарекува рап не само што не отвора очи и движи напред кон социјална правда, туку затапува и шири простаклук и омраза. Некултура. И е и штетно. 
Сведок бев кога 13 годишна тинејџерка слушаше песни од наш најпознат ткн рапер со вокабулар на простак и простачки вулгарни зборови, а јас и мајка и останавме подзинати. Ефектот од тоа дојде многу брзо. По десеттина минути и рече на девојката да си ја исчисти својата соба,таа експлодира, настана таква караница и туркање само затоа што тинејџерката, како секоја млада личност со врела крв, беше внесена во тој вулгарен филм од песните и негативната од текстовите што ги слушаше во моментот, ги истури врз мајка си…
 
ПАРГО 
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.