Еднаш дневно: КРУНА ЗА “ЗИЈАН”

0
399

Вртеше песни јутјуб каналот, кога наиде на снимка од концерт на “Меморија” на некогашниот Скопски Саем и изведба на “Пушти коси”. Долго немав плачено, па уште и онака длабоко од срце, навистина со години, се расплакав кога од половина песна  изведбата од пејачот на “Меморија” си ја презеде оригиналниот пејач на групата “Зијан”. Толку солзи ми се слеаја  наеднаш, ме забележаа и ме прашаа зошто така плачам.

Не можев, до коски отиде. Ми проби. Не се криеше. Не само затоа што тоа е моја омилена група, се разбира дека не плачам кога ги слушам, но тоа е онаа музика која секогаш не можеш да ја слушаш, треба да си на нејзина висина во моментот и вратен во себеси, за да ја доживееш.

Ама, овој пат ненајавено влета и си ја извлече реакцијата која требаше да си ја извлече.

Нема збор дека оригинал е оригинал и колку добар (рок) вокал да ја пее, дури и да речеме еден Роберт Плант и било кој, гласот на пејачот на “Зијан” пак ќе си го стореше своето. Ќе беше појак.

Тоа беше музика од осумдесеттите. А, се некаде до пред крајот на деведесеттите се правеше и успеваше само ваква музика. Квалитетна, со емоции. На која можеш да плачеш. Подолу ќе ви кажам  зошто.

А, за Зијан на википедија ќе сретнете ова: “Зијан” е македонска рок музичка група од градот Гевгелија. Нивните почетоци датираат уште од 1978 под името „Трета Смена“, кое наскоро го променуваат во “Зијан”. Својот прв настап го имаат во 1981 година во Скопје како прегрупа на бендот „Видеосекс“. Победуваат на „Гитаријадата“ во Заечар, со што успеваат да го снимат својот прв демо- албум во Белград. Најзапаметена ќе остане нивната песна „Пушти коси“, која е класичен пример за вметнување на мотиви од фолклорното творештво во рок музиката. Добитници се на златна плакета од градот Гевгелија. Потекло Гевгелија, Македонија. Жанрови

Рок, Рокенрол. Период на активност 1981–денес. Членови Ацо Митрев, Ице Ќорнаков, Коце Динев, Јане Динев”

И толку, дури и членовите на групата немаат свои вики-профили, немаат ни некои интервјуа, па така може да плачете на нив колку сакате, ама по улица и да се разминете пак нема да  ги препознаете.

Ама со Северина и да се разминете нема шанси да не ја познаете. И да не знаете се за неа. Од самото раѓање до моментот кога и ставија круна. Додуша не вистинска и ми изгледаше некоја евтина (ко од на Бит пазар како за девојчиња до 5 години кои изигруваат принцези). И ставија, и тоа кај нас. И згора на се, лица од медиуми кои често пати пишувале за естрадно-музички настани се фотографираа до неа, наместо да прашаат “Боже што е ова?”.

“Боже, што е ова? “, прашав и јас кога видов на фејсбук. Тоа беше ова: ја поканиле да сними календар за питка вода, наше национално природно богатство, да одржи некој полу-приватен   настап во дискотека, и да биде исплатена солено, преосолено, уф, “папрено”.

“Зијан” дали го гледате вие ова? Дали вас ве фотографираат за календари? Со наши пари. Дали вас ве канат на полу-приватни а прескапо платени настапи во дискотеки? Со наши пари. Дали за вас има круни? Со наши пари. Не, нема. Нема затоа што за волја на пропаста, од деведесеттите круните на заслужните уметници од глава им ги грабнаа грст бизнисмени, менаџери, политичари и нивните ортаци, и Пр помошници, и ги дадоа по свој избор, независно дали таа круна е хумореска, во основа каква што е оваа. Но таа таква “пластична” круна ја урнисуваше онаа сјајна дијаманската круна на  македонската песна, на македонската сцена и современа музичка култура, чекор по чекор, до само дно.

Каков зијан, дали сфаќате каков зијан е направен? Со наши ресурси.

Овој пример ја долови баш целата слика, целата поширока слика. Музиката не е циркуз. И не е врв на музиката да биде употребена за некој (самонаречен) бизнисмен или  (самонаречен) моќник да се фотографира со позната фаца што ја видел на ТВ и се одушевил, ко дете.

Врв на музиката е да изгради емоција, да пренесе вредности на една нација, на една заедница и да допре до публика. Да се пренесува низ генерациии. Во генетскиот код.

Каков ефект и на куси и на долги патеки имало “пластичната” круна на пејачка од друга држава,а платена со наши пари, освен зијан? Со наши пари, затоа што некој ги искористил нашите природни ресурси за свој бизнис, а потоа  мене како на купувач им го препродал нашиот општествен ресурс, а со профитот еве гледаме не вложил во културата и уметноста на начин како што треба, ами во евтина круна по свој избор.

Наместо за вистинска круна за “Зијан” и за сите заслужни културни дејци. За нашите легенди, антологиски.

“Крунава” е најдобриот пример за сторениот зијан, затоа што таа е видлива, и преку неа сакам да потсетам дека тоа го правеа сите оние бизнисмени и нивни ортаци помагачи во сите сфери. И сега нема пари ни за нашите музичари. Донесени до питачки стап. Нервозни. Нападни. Депримирани.

Одговорност, повикувам на општествена одговорност од погореспоменатите. Отчет! Поправање на штетата, иако знам е ненадоместлива.

А Северина како и секој друга естрадна личност која има “нешто” за публика е добредојдена да си направи концерт со билети и да си купи што сака од Бит пазар или од најскапи бутици таа слобода никој не им ја зема, таман работа. Но никако повторно во форма на зијан на нашата култура.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.