Еднаш дневно: МАКЕДОНКАТА НА “ИЌ”! 

126
Една од теориите која ја слушнав, пред некоја година, е дека некој нов свет кој брзо ќе дојде, ќе биде свет без нации и во кој сите ќе бидат исто, па ќе немаат причина односно изговор за војни.
Немам приговор, јас сум “за” . Ми одговара. Она што досега се нарекуваше космополитизам така ќе биде ставен во посовршена димензија и ете нѐ сите среќни. Оваа Планета е и створена за среќа. Божјата рака создала сѐ совршено, ха, освен човечкиот карактер.
Убаво е и носи гордост, чувството на припадност кон одредена нација и тоа како чувство се развива. Лошо е кога ќе отиде во погрешен правец.
Сепак, да имаме на ум дека не станува збор за вродено и непроменливо чувство, а пример за тоа може да биде некое посвоено дете од една нација кое расте во некоја друга нација и тоа без да знае ќе поприми и развие чувства кон нацијата на неговите родители- старатели. Или децата од мешани бракови.
Нацијата е измислена категорија, се почнало од периодот кога се немало за храна, па племињата војувале меѓу себе за освојување на поплодна почва, па каде ќе се стационирало некое племе таму почнувало некоја своја традиција, свои знаци за меѓусебни разбирање, свој јазик и тоа се почетници на нациите. Сега храна има, не мора да се војува на таков начин.
Гордоста од нацијата се состои во тоа што јазикот и некои востановени специфични карактеристики во традицијата, те прават поинаков од другите и се чувствуваш малку поексклузивно.
Се чувствувам среќна што живеам во делумно некој таков свет, во толку мала земја(во глобален размер), а толку богата со повеќе нации, мешани бракови и традиции, и никогаш не е досадно и монотоно. Од секоја од тие можеш нешто да извлечеш и искористиш.
Евровизија е еден таков вовед во тој идеален свет- фестивал на музика, а последниве децении надграден и насочен кон пробивање на сите граници и стеги во однос на националната и на личната слобода, за да се испита што најмногу сакаат луѓето, а на што се дразнат, а инаку, познато е дека е создадена по идеја на еден новинар од Швајцарија. Тој еден ден отишол на работното место и рекол – што велите низ песна да ја споиме закараната Европа и завојуваните држави, барем на една ноќ? Да се остават на страна старите рани од војни и загуби, да не се повторат, да го оставиме минатото да мирува, да се извлечат сите поуки за да не страдаат новите генерации. Од таму нека почне се!
За чудо, идејата му се претворила во убава реалност која трае пет децении и ја преплавува Европа со радост.
Сите се среќни таа ноќ. Има само мал број европски земји и нации кои се уште не ја дофатиле суштината на овој најгледан фестивал на свет. Идеја која сакаат да ја копираат и Америка и Кина, а фестивал кон кој се приклучи дури и Австралија, земја од далечниот континент.
Да се биде таму значи да се почитуваат сите нации и нивните карактеристики, како и сите луѓе со своите персонални особини, да се почитуваат истакнуваат, разменуваат сите знамиња и симболи. Да не би било тоа поентата, секој ќе си седи по дома, нема да има ни фестивал ни спојување, ни подавање рака.
Познавајќи ја целата таа филозофија оттука многу ме зачуди прашањето кое на Васил Гарванлиев му беше поставено од холандски новинар, какво државјанство има? Нешто што досега јас како прашање во евровизиско интервју не сум го слушнала. Прашањево за државјанство ме стави во мисла. “Хау бизар”!
Која е заднината и дали воопшто има заднина или пред тоа зборувале па продолжило прашањето пред микрофон, кој би знаел.
Поради ова прашање и одговорот на Васил дека има државјанство и баба Бугарка, сега е мета на напади, како бугарофил (што не држи вода, тој е Бугарин по корен, не само по “филство “), дека е гркоман и најново дека е албански пион затоа што албанскиот знак со орел го направил во чест на Албанците.
Е, не е осуден само за србоманство, забележав и утрово читајќи негативен коментар од некоја госпоѓа упатен кон него, за неговото “нејасно” и “непријателско” потекло, која жестоко го бранеше нападнатото “македонство” од Васил, госпоѓа чие презиме завршуваше на “иќ”. Повторно некако бизарно!
Па ми дојде соломонска идеја, бидејќи Бугарите му понудија следната година да биде нивни евровизиски претставник, за следната година да испратиме и ние таков наш преставник. Од друга земја.
Мојата внука! Така е. Таа е од Србија, а се чувствува Македонка од мали нозе. Пардон, таа не се чувствува, таа е. По мајка. Една мала “слаткица” која ме засмејуваше до солзи со нејзината одбрана на својот детски национален идентитет, како мала. Се фалеше “Ја сам Македонка”, а штом ја задевав со прашање “Како си Македонка кога не знаеш да зборуваш македонски, Ти си српкиња” таа плачливо се спротивставуваше – “ееее, ти си Српкиња, ја сам Македонка!” и се удираше в гради.
Сега веќе е тинејџерка чиниш нестварна по својата убавина и да наведам со потврдени музички квалитети, првак по пијано и по пеење.
Дали сакате таква размена, Васил да им го дадеме на Бугарите, а Емилија да ја преставува македонската нација на Евровизија?
Тоа се совпаѓа и со нејзината желба, првата снимена официјална песна да ја испее во Македонија, на македонски јазик. Без никаква интервенција од наша страна, на целото семејство, сама ја развила таа желба.
Ако веќе немаат Бугарите ништо против следната година да ги преставува Македонец со бугарски корен, би имало ли против следната година да ја преставува Македонија, Србинка со македонски корен на “иќ” која сама се идентификува со македонската нација? И чија баба е Македонка. И мајка. И тетка.
Кој е за?
Вчера слушнав една многу паметна констатација на новинар-уредник, Албанец, ако е тоа битно, токму на оваа тема: “За нас е доцна и невозможно, дај некако со заеднички сили да си помогнеме, да направиме барем следните генерации, ако останат да живеат тука, да живеат поинаку, да се однесуваат едни кон други поинаку, не со ваков вокабулар, осудување и говор на омраза и да се почитуваат како луѓе без национални предрасуди”.
Ајде! Јас сум “За”! Еднаш идејата на мојот колега новинар успеала, затоа што наишла на милионски поддржувачи и се повеќе наидува од година во година, ќе успее и секоја убава идеја. Од некаде, мора да се почне. Дадов и предлог. Дајте и вие.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.