Еднаш дневно: МАХМУД ОД МАКЕДОНИЈА 

119
Нема шанси во скоро време да стивнат реакциите за нашиот годинешен евровизиски претставник, се уверив во тоа кога деновиве ја споделив неговата песна Here I stand и моето прашање за личната импресијата на наши ценети  музичари.
Во сандачето следниот момент ми пристигнаа следниве прашаања:
-Аааа, ти изгледа вклучена си во тимот?
-Ќе одиш на Евровизија?
-Ти плаќаат?
-Зошто го браниш?
Ќе одговорам јавно, по обратен редослед:
-Ниту го бранам ниту го напаѓам, пссст сега ја слушам песната, не ме вознемирувајте!
2. Не ми плаќаат (а кој да ми плати? Васил о имам видено во живо два пати на по пет минути, случајно).
3.Не! (а многу сакам, но и до продавница одам со страв)
4.Не сум вклучена во тимот. Не знам ни кој му е во тимот, Шефицата на делегација не ми е на фб листа, а Пр шефицата ме избриша пред три години кога пишував тема со реакции да има фестивал, а не интерен избор (иако ЕБУ како организатор им дава легално право на националните куќи да изберат како сакаат). Неколку години бев исклучена и од мејлинг листата да добивам информации од прва рака, ме вратија по интервенција на директорката откако тоа прашање јавно го поставив на една новинарска конференција со претставници од странство. Не ме канат на евровизиски емисии, ќе викнат секого, не и мене. Има ембарго од МТВ, иако пред тоа бев редовна како “временска прогноза”. Не ме викаат од моето последно гостување во 2010 два дена по домашниот избор за Евровизија. Дотогаш бев толку слободна што на тоа гостување по нејзина желба понесов и една друга новинарка од друг медиум. Не ме зедоа со авионот платен од Влада ни кога отидоа бесплатно повеќе новинари, иако желба на претставничката беше да одам и јас. Честопати грубо се однесуваат кон мене. Во неколку прилики и со навреди, и пред очевитци. Кога треба нешто да ми дадат праќаат посредник. Со нашиот тим досега немам фотографија од таму, во една прилика дури и кога сакавме  новинарите да се фотографираме со екипата, пејачката не избрка. Влезница за влез во сала добив само еднаш, како единствен новинар кој отиде таму… Некои од екипата ме одбегнуваат без причина, којзнае што ли за мене зборуваат во своите хотелски соби, си велам . Ах, ене ја онаа, “уништувачката на забави”. И ред други ситуации. Но, го почитуваат моето барање за акредитација и однесувањето на шефицата на делегација секогаш е на максимално професионално ниво, настрана што јас и таа и сите од тимот приватни сме пријател(к)и и многу обострано се почитуваме. Секогаш.
И можеби никогаш ова не мислев да го изнесам јавно, но се некако некои работи само си пробуваат пат да бидат кажани за да се поправиме, едни кон други.
Реков не ми се во контакт за да им кажам директно дека јас сум против да се повлече Васил од Евровизија. Со кое право мојата земја да нема претставник и зошто?
Тој ја испочитува петицијата на група граѓани против неговиот спот во кој режисерот снимил /ставил асоцијација на бугарско знаме и се извина. Тоа е доволно. Не се извина и рече дека нема да се извини затоа што си  е, а е Македонец по една страна, Бугар по другата, и јасно е  за Васил Македонија и Бугарија секогаш ќе биде една земја, за некој пак Македонија и Индија, за некој Македонија и Бангладеш. Зависи какво потекло има.
Јас би им се извинала и на оние што претпочитаат да прочитаат Северна Македонија, што не им го пишувам префиксот често, ама за мене не е се уште тоа. Кога ќе се навикнам, тогаш нема да се извинувам.
И Италијанците “се извинија” за својот Махмуд. На начин на кој јас ги засакав за сите времиња, се извинувам, и пред тоа ги сакав. По остварувањата во културата мислам, од Империум романум до засекогаш. Моја причина зошто. Тука нема да ви се извинам. Можеби и за мене Македонија и Италија е една земја.
Ако завршивме со извинувањата одиме со пофалбите.
Во 2019 следејќи го Сан Ремо и навивајќи како и повеќето мои пријатели Италијани за нивната национална уметница Лоредана Берте  и за мене беше изненадување што победи некое момче со шлапкање со рацете и хипхоп и песна во која се слушаше јасно дека пее за пари. Колку и да беше симпатичното тоа, не го очекувавме.
Италијанците таа ноќ го вжештија интернетот со прашања “Каде одиш Италијо? Што е ова? Што се случува? Кој го дозволи ова? “
Тие се многу осетливи на тема, затоа што како една од првите цивилизации со специфики скроз различни од сите други нации, се уште ја чуваат уникатноста и каде и да оди во било кој дел од светот Италијанец не можеш да го претопиш, останува скроз Италијанец. Беше тоа моменти кога имаа голем проблем со мигрантите кои доаѓаа од Арапските земји и дискутираа жолчно, а нивниот победник на вечното Сан Ремо, најубавиот и најславен фестивал на светот, личеше на еден од нив.
Не прочитав остри навреди за неговото национално или верско потекло (впрочем и во песната “Солди” е се опишано за него) но доволно беше тоа што Италијанците беа изневерени од ситуацијата дека некој преку ноќ им ја срушил автентичноста на “Римјанското” кое го чувале со векови. Некој кој не е нивни. Нивни е само по мајка, а тоа се важи?
Махмуд, пејач од мешан брак, мајка Италијанка татко некаде од  Магреб.
Што се случи, како се случи, веќе од следниот ден стивнаа коментарите и по нецела недела Италија беше цела на нога да навива за свооќјот избраник. Каков цивилизациски скок. Рушење на предрасуди од векови во само ден, два. “Римјанското” предадено во рацете на Махмуд, да го носи и слави низ светот.
Не за џабе биле прва цивилизација, си помислив во себе. Кога ли се сменаа? Петиција не видов да потпипаа но видов дека на Евровизија Махмуд беше најзаштитен од самите Италијани, сите до еден, не дава прав да падне врз него, ни провокација, беа горди и радосни навиваа за негова победа. (иако во принцип не се нешто посебно расположени, дури едвај ги намоливме пак да се вратат на Евровизија по речиси две децении отсуство).
Навиваме и другите фанови /новинари. И така, шетајќи низ Ерусалим, одеднаш мојот драг колега Грк на увце ме праша – што мислиш ќе победи нашиот Махмуд? Реков, сакам. Тој е револуција. Направи невиден “потрес”,  ги спои луѓето со предрасуди. На Европа тоа и е достига. Затоа сме тука!
-Да, рече убеден, и Арапите ќе гласаат од цел свет, а ги има многу!
Среќа не се случи тоа, повторно ќе беше стереотип дека тие Арапите ете секаде со така се пробиваат. Беше втор, и морален победник, ама како италијански национален херој и сега и Планетарен, потоа доби толкава популарност што на Интернет неговата песна стана официјално втора најслушана на свет на сите времиња.
И ден денес е славен, Италијаните го наградија со италијанска почит и љубов и се уште е ѕвезда, знаат и да го задеваат, но со стил. Нивни си е.
Да ви откријам мака тајна, дека не знам зошто отиде во етер ни она мое интервју дадено за најомилениот италијански новинар и пријател,  беше среќен што муабетиме пред камера, се до моментот кога го потсетив дека не беше во ред онаа реакција по првата санремовска вечер, се виде дека тоа не му се допадна и дека не сакаат да ги потсетуваш на тоа. Нивната заедничка фотографија со Махмуд се уште е негова профилна.
Имаме сега ние наш “Махмуд”. Да не дојде ред и ние да не објавуваме нечие интервју доколку не потсети дека “не бил наш”.
Наш е колку што е, а туѓ е исто така колку што е. Свој е сосема и таков треба да остане, Васил.
Песната е занесна, а за тоа потврда е што некои велат им звучи и како “плагијат на Квин”. Врвот на рок уметноста на светот, а да имаш таков успешен “плагијат” зар има поголем комплимент?
Јас не го поставувам прашањето дали ќе оди, ќе прашам до каде се подготовките? Кажаа сите што имаа кажувам и јас. Ќе се вознемирам ли кога пее дека” тие се обидуваат да не скршат” од оваа страна на нашата земја? Таа вечер ќе е е наша целата земја, ќе биде една, на сите оние земји кои ќе испратат свој претставник.
Тоа е долг кон уметноста. Да се шири и пробива.
А дали потоа песната ќе биде слушна како таа на Махмуд, повеќе или помалку, е прашање на музички вкус и избор на сите слушатели, но прво, нека ја слушнат!
П. С. Италијаните повторно ми се фаворит, Боже, Боже шизичка песна. Ноншалантни, и мои омилени.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.