Еднаш дневно: “МИС АГНЕСА?” 

0
927

За малку ќе се засркнев со кафето што го пиев спокојно, замислете, кога денес прочитав на еден портал “… на Агнеса пак ѝ рипна популарноста, таа на Инстаграм има повеќе од 32 илјади следачи. Таа продолжува да прави селфиња и се фотографира со ќерките, и сега учествува во еден нов настан. Станува збор за Мис Инстаграм, кој го организира Инстаграм страницата „Најдоброто од Македонија“… “.

Навидум, ништо необично и незгодно, се додека не сфатите дека “Агнеса”, повторно цитирам “… објавила стори во кое страницата ја прикажува како трета финалистка за која може да се гласа” .

А нејзина конкуренција се, замислете, топ модел, супер популарна меѓународна пејачка и јака тв ѕвезда веќе две децении.

А, пак именуванава кандидатка, не е ни рок ѕвезда, ни спортска ѕвезда, ни филмска, ни актерска, односно воопшто не е ѕвезда и до неодамна не знаевме дека постои, ами е, инстант случајна сајбер атракција, а ни повеќе ни помалку таа е, замислете – ВРАБОТЕНА ВО АД (ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ) СО ДЕЈНОСТ ОД ЗНАЧЕЊЕ ЗА РЕПУБЛИКАТА!

Во тој момент ја погледнав фотографијата на средовечна жена со нејзината “џам” испеглана коса и некоја кич, ама скапа бунда и по грешка отворената камера на мобилот се сврте кон мене и ја видов мојата залудена/зачудена фаца и несредена фризура, потсрижена од мене самата, целата шашма.

Па се прашав гласно, толку гласно да ме слушне и премиер и претседател и министри и пратеници и сите фактори – што е “Агнеса” позаслужна и повредна персона од мене, која сакам во тој момент да имам исто така средена фризура, подобар мобилен и поубава јакна од оваа која е веќе излитена и со по некое дупче? Зар јас не  заслужувам исто од државата? А можеби и повеќе?

Намерно зборувам за мене, не зборувам за сосетката која утрово ја видов со бел подраснат корен, зошто не и остануваат ни 50 денари вишок за да си купи боја за коса; ни за младата мајка во маркет со искината количка на детето која едвај му купи едни ситни бонбони што и ги покажуваше со прст; ни за жената во автобус со скинати чевли; ни за продавачката која едвај се снашла со 2.000 денари за тест за корона на приватно. Еве, не зборувам за нив, зборувам за себе.

Не зборувам ни за овој наслов што денес го објавиле “Сакам да кажам” – “Мајки на деца до тригодишна возраст од Велес работат ноќна смена со писмена согласност дадена под принуда, реагира Хелсиншки комитет”  (браво за Хелсиншки, само напред).

Зборувам само во мое име!

Затоа што сметам дека сум намерно оштетена и потценета, затоа што јас сум даночен обврзник кој ја полни касата за сите “Агнеси” да земат солидни плати и да ги трошат на луксуз (инаку од каде, не им паѓаат пари од небо, па жената  некогаш, не така одамна, наводно била само скромна кафекуварка). И, затоа што сметам дека е недолично за една “нонејм”  работничка во државно претпријатие која зема плата од државава да си дозволува да биде “Мис на инстаграм”.

Таа е дел од тој т.н. државен апарат кој го плаќаме сите ние. Не е слободна уметничка, а не е ни музичка, ни телевизиска ѕвезда, ами на некој начин администрација!

Мене лично не ме интересира случајот, ни ликот “Агнеса”. Ни дали тој воопшто постои. Ни каков пијалок пие, ни каква храна џвака, ни како го троши своето слободно време, оди ли во театар, ни како ни со кого води љубов, ни што прави во својата спална соба зад затворени врати, ни какви фотографии прави за своја архива, ни со кого приватно се смее, плаче, патува.

Мене ме интересира нејзиното работно место, кое сметам дека со вакво јавно однесување како да го нарушува и барам да ми припадне мене. Веднаш! Јас сум невработена, барам да го добијам и ќе го извршувам со поголема одговорност кон општеството. Прибрана. На ниво.

Така ќе постапувам кога ќе сум  работничка во институција, платена од парите на народот. А додека сум слободна уметница, можам по свое.

Сега, и уште нешто прашувам – зошто т.н. државно претпријатие каде што работи оваа средовечна кандидатка за “мис инстаграм” не ја опомени дека на избор на мис макар и виртуелен не може да учествува затоа што таа работи таму, а таму мора да има кодекс на јавно однесување 24/7? И за време и по работно време, зошто во секој момент ја претставува “официјалната држава”. И ако некој пак на сила ја номинирал самата не побарала отповикување на номинацијата?

Јас се сеќавам колку бев зачудена пред десеттина години кога еден од моите најуспешни пријатели од нашиот јужен сосед, кој работеше во нивното Министерство и патуваше низ Европа со кариера “боли глава” , сам си даде отказ. Исклучително пристоен и паметен дечко, кој кога го прашав зошто го стори тоа, ми рече “преубави можности за шетање и докажување, но имаше некои ограничувања кои на крај решив да ги заменам со моја поголема слобода и отидов во приватен сектор во помал град, од главниот”.

Кои биле тие ограничувања по малку се каам што тогаш не го прашав, но секако секоја чест ако државата навистина им налага на своите вработени “соодветни ограничувања” кои мора да ги почитуваат. За да не бидат недоветни административни претставници.

Добро рековме, работното место го барам, да не повторувам пак, сметам дека ќе го добијам. А, за оние кои се слободни уметнички, а не се цицачи на нашите даноци, ги охрабрувам да се пријават не само на ваков виртуелен избор во кој со филтри сите се “бонбони” , туку и на вистински каде ќе блесне  природната убавина на младите девојки, кои се цутот на светот, а и на инстаграмот. Како што налага редот и пристојноста, во склад со возраста и природната убавина.

ПАРГО

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.