Оваа година славиме сто години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов (1923-2023). Неговото штипско потекло најверојатно било пресудно за по него да биде именуван Домот на културата во Штип, најраспеаниот македонски музички храм, целиот облеан со убави ноти, од каде со децении одекнале најубавите поп песни и мелодии, и од каде како искри од огномет се распрснале по светот.
Се надевам и посакувам никој да не ми забележи ако кажам дека овој славен поет отсекогаш ме опивал до состојба на нирвана со неговиот супермодерен поетски сенс и нема песна, стих, збор или дело од Шопов што не ме замрзнува на “сто години”, и тоа, иако знам дека е дури и сам за себе противречен оксиморон, ме “замрзнува” со сто огнови.
Токму во негова чест некако спонтано решив оваа година да рецитирам јавно негова поезија, а кога работев во весник практикува повремено негови стихови суптилно да вметнувам во прашања со соговорници или во метафори.
За среќа, мојот долгогодишен соработник и пријател Диџеј Вани Манев на негова авторска музика, како фон, со многу љубов и почит ги монтира моите снимки со рецитации. Голем ќеф ми (на)прави. Ми отвори дури и подкаст и со една таква рецитација го отпочнавме подкастот Culture club, каде ова песна е најава. Цела година ќе снимам. Нека зрачи подкастот.
Мислам дека, според некој мој критериум и незаситност, Ацо Шопов е (пре)малку застапен во поетски настани и ученици, во однос на тоа што го заслужува. Ни оддалеку не ми паѓа на памет да ја рецензирам неговата поезија дури ни со најпофални слова. Тоа е чиста убавина која не смее да се допира и дополнува со никакви “украси”. Сѐ залепено на тоа би било одвишок и би пречело. Сакам само да го читам и да слушам рецитации на негови творби.
Деновиве ќе има културен настан посветен на неговото дело, во Музејот на македонската борба, а потоа и во Париз, овој месец.
Во Париз, затоа што, бил голем франкофон, преведувал од француски писатели и поети, а и извршувал дипломатски функции, во франкофонски земји во Африка, и воспоставил и одлични релации, на полето на културата на повеќе земји со црвено- бел-син манир . Ова го дознав на отворањето на Месецот на Франкофонијата- неодамна, каде со многу респект накратко се осврнаа на значењето на Шопов. На ниво на поетски мит. Баш како што и јас го доживувам.
Што помислив тогаш? Помислив дека еден народ може и мора пред други народи да биде претставуван исклучиво и исклучиво само од своите генијални умови и позитивни творци, ако сака да оди напред и да биде прифатен од другите. Да не дозволува никој да го земе нивното место. Особено некој што не го заслужува и не е достоен, како што нас нѝ се случи поради што го доживеавме овој целосен колапс како општество. Ако некој се осуди, народот е тој кој треба да го ритне…со копитото…право сред чело, да го паметат, да го прикажуваат …”и лузната да ѝм свети навечер, во нивните ноќи без месечина, во нивните денови без светлина, на нивните патишта под бурјани”(цитат).
Затоа што, кога Шопов ја претставувал земјата пред Франција тоа било на возвишено ниво, и имала поинаков лик (а и други наши генијалци и уметници). А и самите Французи го доживувале како што ни го претстауваат – митски. Кон секој друг тие не би се однесувале така. Не би го ни запомниле. Аа ако ѝм подметнеме и пратиме некој недостоен лик, онака, паушално, само затоа што бил лукав и на мускули дотуркал до кај што дотуркал, тие со нас ќе се однесуваат на нивото на кој е тој што сме ѝм го пратиле.
Зарем мислите дека нема некој нов “Ацо Шопов” меѓу нас или барем негови рефлексии? Има, и ќе го видиме, кога нема да се откажуваме и да се повлекуваме пред првиот налет на лошите и пакосни луѓе и кариеристи. И кога ќе прекинеме да недаваме да процвета “цвеќето” и да из’рти семето на “Шопов поетот “.
Ацо Шопов е име на домот каде е отпеана оваа негова песна, напишана од него. Текстот е малку изменет за потребите на мелодијата, што своевремено страшно ме нервираше да го “употребуваат” за на фестивал, но сега мислам одличен потег со оглед на тоа дека овие магично убави стихови и описи, каде човек и да ги стави, во било каква уметничка форма и рамка, тие ќе си го направат своето. Ќе звучат митски. Каков што бил и самиот поет. Поетот со една чудесна модерност и над-модерност, која и да сака не може ни да биде помодерна, дури и кога вековите ќе ја покријат со многу време, таа ќе е енајмодерна, затоа што е создадена да е најмодерна што може, митска и епска.

Валентина Ѓоргиевска Парго

Старо купувам
1.

Старо купувам, старо купувам,
стари алишта, стари пискули,
старо железо, стари љубови,
старо купувам.
Купувам стари дребности,
непотребности,
чевли излижани, ризи износени,
среќи осреќени,
старо, старо, старо купувам.
Купувам стари секидневности,
мали и големи ревности,
стари елеци во долапите
стари котли на огништата
стари саѓи на совеста
стара ’рѓа на соништата.
Старо, старо, старо купувам.
Купувам стари секидневности,
мали и големи ревности,
стари љубови, стари среќи, стари гревови,
купувам стари радости, стари младости,
старо, старо, старо купувам.

2.

Старо купувам, ново препродавам.
симни се, господине, жив ти дечињата,
да ми ја превртиш сета немаштија
нема да собереш една иљадарка.
Ех, да ги познаваш нашите ергени,
да си го вишол Далип најерген
ќе му ги таксаш себап чевлите.
Он ќе ги земе ќе ти се поклони,
ќе ги подзакрпи, ќе ги бојадиса,
па светнат како небо утринско
и личен, личен, нема поличен,
ќе слезе долу среде маало,
ќе слезе сербес, ачик, натокмен,
момите ќе се подбутнуваат,
жените ќе се огледуваат,
мажите ќе му завидуваат.
Ех, стари чевли, старо купувам.

3.

Старо купувам, ново препродавам.
Аман, господарке, господ со тебе,
бива ли сега таква скапотија.
Женет сум, жена, деца сурија,
жив ми најмилото жив ме оглодаа,
куќата ми ја растурија.
Оваа риза не е за тебе,
еве ти стотка, речи аирлија.
Ех, да ја знаеш калеш Калина,
токму се токми млада невеста,
ќе ти се заблази, ќе ти благодари,
ќе ти благослови внуци и правнуци,
и сета челад од нивно колено.
Ех стари ризи млади невести.
Старо купувам.

4.

Старо купувам, старо купувам,
стари алишта, стари пискули,
старо железо, стари љубови.
Купувам стари секидневности,
големи и мали здодевности,
стари грижи, стари патила,
стари гревови, стари чесности.
Старо, старо, старо купувам,
стари среќи, стари љубови,
стари радости, стари младости,
купувам стари алишта.
Старо, старо, старо купувам,
Старо за нови сврталишта.

Ацо Шопов, Небиднина, 1963

Песната за првпат е објавена во списанието Современост, X, бр 5, 1960, под наслов „Купувач на старо”.
Во подоцнежните објавувања, вклучувајќи го до тестаменталниот избор под наслов “Лузна”, Шопов ги отстранува деловите бр. 2 и 3 од оваа песна.