Години се прашував каде е нашиот проблем како генерација, и како може мноштвото од нас низ овие три децении да се претворат во толку себични и изгубени личности, што наместо со крпата од еленска кожа со кога го гланцаат воланот на својот скап џип, треба да се подзачистат себе си…
Оние кои сакаат сѐ да приграбат за себе, кои сакаат се да истераат на инает, немајќи ни грам обзир за другите, и шетајќи од мисла до мисла, никако не ми фаќаше око ниеден одговор, сѐ додека не се сетив дека нашиот проблем е всушност преголемиот и незаслужено дар што нѝ го дадоа претходните генерации, нашите родители- преголемата слобода, преголемото материјално удопство, преголемиот избор сами да избереме сѐ што сакаме и преголемото спокојство, нешто што ни тие самите го немале и не го добиле од своите родители, зашто други времиња… А, го немале ни нивните мачни родителите, но ете направиле што направиле и нас нѝ го обезбедиле тој дар.
Дар кој ние никако не можеме да ѝм го оставиме на идните генерации, зашто веќе го немаме, го фрливме на буниште како безвреден. А е прескапоцен…
И тој спокој го претвориме во деструктивна ситуација, а слободата што ја добивме не ја сфативме како обврска за да создадеме нешто уште поубаво, ами како лудило во кој секој може да прави што сака и никој за тоа никому да одговара. И на врвот на тоа лудило се оние кои треба да го средуваат и решаваат, но тие испаднаа како најголеми уживатели на лудилото, го велам ова без пардон.
Тоа го размислував денес возејќи се со автобусот кон МКЦ, за појаснување МКЦ е Младински културен центар, иако до утрово немаше сила што можеше да ме однесе таму, да протестирам за смена или поставување на некаков си директор. Сите ми се исти. Никој од нив не ме интересира.
Така мислев сѐ додека кај младите организатори на протестот уште во првата реченица не прочитав дека МКЦ ѝм значи зашто ѝм го исполнил сонот и дека тие на некои свои дваесет и нешто години, замислете, свиреле на таа сцена и затоа се преблагодарни.
Чекајте малку, да не се нешто измешани лончињата? Чинам дека се. Млад човек се заблагодарува затоа што свири во Младински центар? Во нешто што е негово.
О, па ние значи имаме голем проблем. Не (само) со избор на директор. Со изборот на генерации.
Најмалку е битно, односно сосема небитно, сега да почнеме да тупиме како таму ние сме имале најпрекрасни доживувања и слично. Добро е што било така, макар што од друга страна и ми пречи, сметам дека тоа не е мол па по нарачка може да си се прави настан и за стари и за младо.
Баш го сметам како мејдан исклучиво на млади и таму треба сѐ од корен да е младо – млада екипа, млад директор, млади групи, млада публика, па ако може и јас бидејќи се чувствувам млада, одвреме навреме да погледнам што прават во светот на младите, ако ми дозволат…
Узурпиран е Младински! Од една генерација која само се чувствува млада. А некои од нив пак, сметајќи го за приватен, од културен центар го претворија и во целосен простотилок. Во културен центар одат културни луѓе, а културни луѓе не прават така, како нив… Да не ги именувам сега.
Кој толку ја потцена Слободата за која толку жестоко се пееше таму на тие концерти, со знакот на раката високо крената нагоре?🤘
Сета таа патологија, сите тие турбуленции изминативе години, сето тоа бранење (главно на своите позиции, шеми и хонорари), а сѐ што требаше да се има на ум дека не можеш да браниш нешто што не е твое. Можеш само “фино лепо” да го вратиш од каде што си го зел. На сопственикот. А сопственикот е јасен “Младинецот”.
Пак ќе прашам – што би бранеле ние таму? И тоа доколку нѐ примат да влеземе.
Она што јас очекувам, и би сакала да се случи е: целосна млада екипа!
Би сакала да се случи и извинување до нас граѓаните за партиските местенки, избори, недолично петиции (како онаа против Бени Шаќири), извинување од градоначалниците кои се мешале на своеволен и инаетлив начин (наместо на стручен), и паметно да ја средуваат ситуацијата. Извинување и за кратење на буџетот.
За младите мора да има сѐ и во изобилство. И поставување на рампа на оние кои не се веќе млади и кои веќе таму не ѝм е местото, по секој основ.
Од денес дајте ѝм го на младите. Тие најдобро ќе знаат како да си го измнаџираат, во духот на својата младост. Доста ѝм го сквернавите нивното место за култура, дружење и музика. И нови љубови.
Нема ние да им кажеме што треба да ѝм се допаѓа и што треба да прават со својот културен центар!
Кога ние сме биле млади сме кажувале, и тоа било максимално уважено од нашите родители. Сами сме избирале музика за себе, концерти на кои сме оделе, стил според кој сме живееле. Наши правила…
Во Младински културен центар сега младите треба да се на потег! Тие кои денес со сето свое право го имаа окупирано секој сантиметар. Дојдени во најголем број. Секоја чест.
СВОИ НА СВОЕТО!!!
Еве, и јас ѝм благодарам што ми дозволија да бидам нивна публика, макар накратко, колку што носи редот.
Она што посебно инсистирам за крај повеќе да не се изговараме како кратенка, МКЦ туку гласно со полно име за да нѐ потсетува чиј е. Младински!
И како што констатира една драга пријателка на фејсбук – “Нас само како публика да нѐ има, и тоа ако има место”.
Одговорив: Нема, прашав, сѐ било резервирано!

Валентина Ѓоргиевска Парго