Сите вложувања, напори и макотрпни дела што ги прави човекот и човештвото, не се за минатото, за нешто што поминало, колку и да сака, што и да стори, не може да ги смести таму, “таму портите се за вечно затворени” , токму напротив, се за времето што доаѓа- наречено идно време. И за идните генерации. Тоа е залог и долг кон самиот живот, би рекла, а можеби, на некој начин и крајната цел на постоењето. Да се остави нешто подобро од сега, многу подобро од вчера, и неспоредливо подобро од завчера… И сѐ така.

Во минатото не можеме да се вратиме и да интервенираме, не постои такво чудо што тоа може да го овозможи ни за секунда. Не можеме ни да тропнеме на тие порти. “Портите се затворени засекогаш”. Во иднината може (речиси) сѐ . Портите се ширум отворени. Кога човекот ја гледа само иднината, работите сами ќе се наместат, сами ќе се движат во вистинска насока и само од него зависи како ќе ја проектира таа слика во својата глава, а потоа и реализира во реалност.

Не знам дали сте ја забележале и психолошката страна на овој феномен, доколку гледате филм во кој според тематика се обработува минатото, колку те истоштува, исцрпува, те шета до некоја нерешлива дилема и празнина, некоја непознатица од каде не можеш да го најдеш излезот. Ти внесува некој немир, тешкотија, мрачни мисли… А да не зборувам и дека не знаеш и не можеш но да знаеш колку и дали нешто од сето тоа е точно или пренесено како што им одговарало на “победниците” кои ја пишувале историјата по свое.

Но, затоа пак кога гледаш научно фантастичен или футуристички филм, колку тоа може да те подигне и покрене, придвижи, да ти даде идеја и сила на супер човек и да ти проектира пред себе визија дека веќе си таму некаде. На вселенски брод. Во Космосот. Незапирлив. И семоќен. Тоа е моќта на иднината!

Минатото е битно, во дел да дознаеш кој си, што си, од каде потекнуваш, кои се твоите корени, како било, барем малку. Ама не можеш да се потпреш на него и да стоиш цврсто, а да не се заклатиш и да не ја дозаплеткаш иднината, своја, и не дај Боже иднината туѓа на некои нови луѓе кои треба да дојдат.

Затоа, јас лично претпочитам историја само како фактографија, но не и како жива наука која ми е од конкретна помош и реален столб врз кој можам да го засновам целокупното свое сегашно постоење и егзистенција. Таа ја нема таа моќ тоа да ми го пружа. За разлика од иднината, која ја има.

Што било, било па поминало, припаѓа на некои други луѓе. А, тоа што е сега ни припаѓа нам, сѐ додека и ние не станеме минато. Нечие минато.

Предноста е во тоа што ние можеме да станеме светло минато. По делата и стапките кои ги оставаме сега.

Постојано одбивам да се загледувам во минатото. Тоа било мачно за моите претци, но да се поправи не може ништо, никако. Ја читам историјата и (НЕ) сфаќам дека виновниците не се тука, и тие се зад вечно затворените ПОРТИ. Затоа и не сакам и не очекувам ниедна нација да ми се извинува, најмалку поединец за нешто што не го сторил лично тој, за кое нема никаква директна вина и за нешто што се случило пред да бидеме ние родени. Тоа ми нема никаква смисла ни логика.

Исто, не сакам да се извинам за нешто што јас не го имам сторено. Не може и не сакам да одговарам за туѓо дело. Имам свое име и презиме и одговарам само за своите постапки и последици. Секој човек е единка која доаѓа, остава свој печат и трага и заминува.

Секое гледање наназад е проблем кој не можеш да го решиш, секое гледање напред е шанса која можеш да ја створиш.

Оттука, дали може за миг да замислите колку би било убаво кога сите ние би се загледале во иднината, во тие ширум отворени порти, во кои може да влеземе на свој начин, а притоа без да ја вртиме главата кон оние порти, затворените, зад кои никогаш нема вистински да ѕирнеме што има зад нив и што вистински се случувало?

ПАРГО