Еднаш дневно: ПИТАЧКИ СТАП

98
Новото нормално и светската пандемија на Ковид 19 најголем удар и зададе на музичката индустријата. Згаснаа дискографски, продукциски, менаџерски и издавачки куќи, познати дискотеки, локали, клубови… Се е на статус кво.
Луѓето кои беа главни во неа, буквално се донесени на нула. И најголеми светски менаџери и некои ѕвезди, доведени се дури и ситуација и јавно да признаат дека бизнисот им е уништен, џебот испразнет, иднина не ја гледаат, а депресијата нивна “сопатничка”. Доведени се до питачки стап. Затоа што, таа е индустрија која зависеше од добрата волја на луѓето, а сега добрата волја за жал не е возможна, кога секој се бори првенствено да го спаси својот живот.
Тие снимаа и изведуваа музика, а заработуваа од продажба на албуми, носачи на звук, или преку интернет, од билети на концерти, од продажба на својот бренд на облека, маички, капчиња, амблеми, а се тоа секна, односно толку се намали на пазарот што нема никаква моќ и значење. Ни најголемите колекционери не купуваат и нарачуваат ни приближно како претходно.
Да не зборувам за депресијата низ која минуваат, ова е нов патолошки синдром кај луѓето од музиката, покрај оние досега со кои се соочуваа славните. Непознат и неочекуван и многу тешко се справуваат, така што кога и да заврши оваа ситуација тие долго нема да може да застанат на “здрави нозе” и да се збогуваат со својата  анксиозност и депресија.
Ова лично го знам и од директниот контакт со една голема ѕвезда и еден голем менаџер кој само рече дека не е во добро расположение и не сака да зборува за ништо врзано со работата. Дека седи дома во четири ѕидови и излегува еднаш на неколку дена само да набави храна, ништо друго не го интересира.
Многу е разбирливо, нив од пред очи им исчезнал еден свет во кој припаѓале, огромна маса публика пред себе и енергијата/синергија која им носела адреналин, начинот на живот кој правел да се чувствуваат посебни (специјални патувања, луксузни хотели, скапи шопинзи, еуфорија од публика каде и да се појават, одушевеност од нив).
Она што освен ова ним им се случуваше на тој финансиски и ВИП план, а за кој малку се знае заради тајни договори, се и нивните настапи на приватни журки пред тајкуни, каде добиваа баснословни суми на пари. На пример 100.000 долари, 200.000 долари, еден милион па и многу, многу повеќе, за нечиј роденден или свадба.
Во новово нормално и во страв од пандемија, а и неможност да се организира, изведе и да расположи ко порано, ништо од тоа не постои. Никаде. Сите големи ѕвезди како да молкнаа во еден миг.
Но, новата ситуација секогаш дава и нови шанси за некого. Па така, единствено во добивка беа понепознатите музичари, доколку решија да го искористат своето “бесплатно интернет време”. Оние кои беа активни, инересни и атрактивни на социјалните мрежи, тие најмногу ги искористија “своите пет минути”.
Тоа е случај и кај нас, замислете, периодов најславен пејач стана актер кому пеењето му е само мерак и хоби (зборувам за Дац, а во тоа дуо Александар одамна е етаблиран на домашната музичка сцена) и успеа да направи и меѓународна балканска кариера, речиси и без да излезе од својот дом/ град.
Запознавме многу млади музичари, студенти, уметници, кои снимаа успешно во своите (импровизирани) студија и ни се претставуваа бесплатно на интернет.
Од светските музички имиња, речиси и не слушнавме некој да сними некој хит. “Јерусалема” доминираше, тоа беше неофицијална химна во борбата против пандемијата. Дуа Липа направи одлични песни и видео спотови и го зголеми своето богатство, но таа од сам почеток е сајбер ѕвезда на светскиот музички пазар, млада и пожелна, и не мораше да се преобразува или да измислува нов пристап до публика. И ниедна друга ѕвезда не се истакна, како што погоре пишав од кои причини.
Дополнителна пречка за нив кога и да се врати нормалното (а, се претпоставува дека нема да биде под пет години), ќе биде тоа што огромна маса на публиката веќе се оладила на нив. Се раздалечиле. Самите тие, пак, нема да бидат во форма во која биле претходно, ни изведувачка форма, ни енергетска. А во таа професија велат талентот е еден посто, се другото е работа и вежбање.
Иднината на музичката индустрија засега е во онлајн настапите.  “Новата реалност” која сега ја минуваме ќе донесе некоја друга  “нова реалност” за нас нешто ново и непознато. Светот целосно ќе се трансформира а со тоа и светот на музиката. Ништо повеќе нема да биде исто, а светски ѕвезди кои траат “нема да се произведуваат”.
“Старите” ѕвезди ќе се соочат со предизвик на што поскоро психолошки заздравување и надминување на сето ова што го поминуваме, сите заедно, но кај нив нагласувам дека ќе биде поголемо од другите заради “спуштањето на земја”, и затоа што другите ако губеле по некоја обична привилегија, тие изгубиле многу големи привилегии и привилегии кои повеќе никогаш нема да ги има.
Од друга страна, прво и најважно е да се излезе здрав и жив од заканата наречена опасност по живот Ковид-19 и новите мутации, зошто за жал и дел од славните, чија музика ја сакавме и почитуваме, за вечно се поздравија со овој свет.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.