Еднаш дневно: ПЛОЧИ И КАСЕТИ! 

0
148

„Кон каде оди музиката?“, е прашање кое не само мене туку воопшто и на сите не им е јасно. Ни на оние врвни професионалци од светски ранг. Дали е затворен кругот, исцртуван повеќе од половина век, еве условно да речеме од „Битлси“ наваму(се мисли на популарната музика)?

Дали некој после оваа пандемија ќе може да ужива како порано? Дали ќе има грандиозни концерти? Дали ќе има големи вложувања во артисти, сценографии, сцени? Дали воопшто ќе има турнеи на легенди? Дали ќе имаат инспирација за нова музика? Дали ќе се создаваат нови песни со ист жар како досега? А ќе се создаваат ли ѕвезди макар и по „механички“ пат, ако веќе не може по принципот „ѕвездата е родена“? А, дали и публиката ќе ги прифаќа музичките настани со ист жар? Дали воопшто ќе има нова музика и како ќе изгледа (звучи) таа? Дали музиката воопшто ќе се врати во нормала? Што сега?

Еден е одговорот и на сите ни е јасен, тој е заеднички и вели „Не“! На сите ни е јасно дека ништо повеќе нема да биде исто. Никогаш!

Да не набројувам, кога јасно е дека светот првенствено е психички променет засекогаш, луѓето се веќе затворени во себе колку и тоа во моментов да не се гледа. И дека се почнува од почеток. И дека ќе требаат повторно повеќе од 50 години, ако сега се почне, за се да дојде до точка на топење, каква што беше пред карантинот.

Музиката никогаш повеќе нема да биде иста. Фестивалите никогаш повеќе нема да дадат квалитет на дела каков што имале некогаш, концертите нема да бидат спектакуларни, чувството на публиката исто така. Адреналинот падна. Исчезна. Се е надминато, изживеано, прегорено и на резерва. Ништо повеќе нема да биде исто.

Но, една работа се искристализира толку јасно што тука повеќе нема мрдање. Секој си го зацементира и потврди својот музички вкус. Тргнете од себе.

Што слушавте најмногу за време на карантинот? Нели тоа беше онаа музика која некогаш сте ја сакале најмногу, а потоа малку и сте ја подзаборавиле, па во моментот на соочување со себеси ви се вратила. А може и малку ви била зафрлана по фиоки, запрашена. Нели тоа беше дури и онаа музика на плочи и на касети? За мене да.

Јас дури и сама се изненадив колку (заборавени) касети сум имала и тоа со музика која навистина сум ја сакала, снимала, преснимувала, слушала. Музика која останува и не се брише.

И така, сега кога ви стана јасно што сакате, кога ви стана јасно дека нема каде да се оди понатаму, кога ви стана јасно дека не може уште долго долго да очекувате нешто екстра и возбудливо, најдобро е да се вратите и посвететите на старите работи кои ги поседувате и ви значат, на оние кои сте ги слушале и ќе ги слушате, живеејќи со добри спомени или со една своја реалност.

Ајде, назад во времето! Зошто друго баш и не ви (ни) останува, а ако сте љубител на музика и нема што да ве мислам, вашата фонотека “пука” од материјали, стари плочи и касети, кои почесто ќе прават јутјуб да мирува, а вие да пловите со низ низ времето назад.

Јас тоа веќе редовно го правам, и уживам!

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.