ЕДНАШ ДНЕВНО: Попот- лукав!

0
121

...„Поп како поп“, ќе се вмешаше мајка ми, само за да ја разбие караницата. „Секој поп е ист, Божји пратеник“, суптилно и дипломатски ќе дополнеше, само за да ја назначи потребата од него, во оние денови кога ќе бевме исправени пред дилемата дали ние треба да станеме религиозно православно семејство според „новата мода“, или да си ги тераме како и досега, семејните слави да нѝ почнуваат без благослов од поп. За тој поп, за кој Занка, најдолго носеше сеќавање, се потсети вечерва, кога си муабетеа со Санка.
Кога младиот поп, слаб, висок, и со впечатливо црвени образи дојде во малото гратче, сѐ што знаеа жителите за него, дека е од прилепско, кој претходно бил на служба во битолско, и дека е сиромав. Од сожалување, го наградуваа повеќе отколку што ќе ѝм кажеше кога ги молитвуваше, ама кога за некој месец си направи висока куќа на ридот, се создаде мистерија од каде му се наеднаш толку пари и го нарекуваа лукавиот.
-Ха. Ти текнува, јас и другарка ми Доника, секогаш навечер на корзо намерно поминувавме покрај него, и го поздравувавме со „Ооооо, добровечер попе лукав“, и ќе му се изнасмеевме в лице и бегавме. Поради тоа наидовме на осуда од другите, сѐ до оној момент додека не ја дознавме неговата мрачна тајна и ја разгласивме насекаде. Додуша тогаш и нас сите нѝ се нафрлија, сме биле невоспитани дека сме зборувале така за световно лице, поп, не чинело, Боже прости, се поднасмеа тивко, горко, и со прекини, Занка, и подголтнуваше од лимонадата што ѝ ја подаваше другарка ѝ Санка.
-Е тој, попот, да ти бил на служба низ зафрлените битолски села, напуштени од младите, каде никој не сакал да оди да попува. Денски ќе одел да им проповеда, и да ги муабети селаните, а всушност „да сними“ кој што има, каков добиток, колку телиња, крави, овци, каде ги затвораат, дали имаат опасно куче, каде го врзуваат, а и сите информации за стоката ги дознавал од самите селани, секогаш желни да се пофалат што сѐ имаат. Зимата, снегови до колена, почнал попот да "оперира". Селаните навечер ќе го прибереле добитокот во шталата и ќе си легнеле рано, наутро едно теле или крава помалку...Во снегот само четири траги од гумени чизми, значи двајца влегле, двајца излегле, а телето лебдело ли, летнало? Како го однеле, на раце, не е можно живо теле? Многу им биле нелогични трагите, кои всушност ги оставал попот врзувајќи си две гумени чизми на нозете, две на рацете, и влегувајќи со ползење, а потоа врзувајќи му ги на телето, врз кое се качувал додека го изнесе од дворот надвор. Па го товарел на комбенце и во понеделникот на Ат пазар го продавал, раскажа, па направи куса пауза во раскажувањето Занка.
...Кај селаните се проширило фама дека некој дух им го крева добитокот нагоре, и така им исчезнува, па следниот ден го викале овој, попов да им прочита молитва по куќите каде што го снемувало говедото. Зашто не е можно колку стапалки за внатре толку имало за надвор, значи каде се стапалките од телето? -Натемаго, натемаго, велеле. Сѐ додека некој не го познал на Ат пазар и така, за да не пукне брука од црква не го избркале, само го преместиле на друга служба.
Санка само слушаше и ништо не ѝ коментираше на својата другарка, која не сфаќаше зошто нејзиниот разговор е монолог, не е прифатен и од другата страна.
-Ма знам јас, тие поповите се арамии. Баба ми, се сеќавам, го викаше попот кришум да крсти вода дома, дедо ми ако го видеше, аааа, го бркаше. Мене ме крстила со криење кога сите биле на работа, дека дедо комунист и не смеело. А, дедо пак кажуваше во војната, во некои зими, некоја вечер во селото им дошол поп демек се изгубил, го прибрале на спиење, сите се збрале во едната одаја за тој да спие сам во другата, утрото кога се разбудиле, попот бил избеган и им ги украл јамболиите со кои го покриле вечерта да не му студи. Ееееј, најубавите јамболии од приќето на баба, продолжи да објаснува со малаксаност и мала енергија Занка.
Сега таа лежеше на постелата, и секој миг го исчекуваа попот да дојде да ѝ испее молитва за здравје. Никаде не се најде лекот, ја носеше ли тој последната надеж? На оваа идеја дојде Санка, која видно се возбуди додека Занка кажуваше ли кажуваше.
-Добро Санка, како ти Турчинка се сети поп да ми донесеш дома за здравј. Баш поп?! Јас не верувам во нив. Можеби и дека како дете ги слушав тие приказни, а можеби и дека моите никогаш не ме прифатија што се омажив за Турчин и никогаш не се венчав во црква. Или дека имам траума од последното испраќање на мајка ми, поп викаа, а јас атеистка, нели, споро дообјаснуваше Занка, целата занесена и од апчињата против болки што беше ги испила.
-Јас верувам во попови и во нивната моќ, што ако сум Турчинка?, ѝ одговори.
Гледаа филм со омилениот актер Вил Смит, а во заднина ја слушаа омилената изведба на „This is my life“ со Ширли Бејзи. Тие две другарки всушност се викаа Зорка и Самија. Дишеа како едно. Немаа тајни. Или...заедно пораснаа, неразделни, така ги завикаа „петок и сабота“, Занка и Санка.
-Кажи ми Санка, како дојде на идеја да повикаш поп, ти се молам?, ѝ го повтори прашањето. "И ти да не си станала како оние жени што споделуваат слика од икона на фејсбук, за среќа", се обиде да ја живне малку ладната атмосфера.
-Не, не, јас верувам во попот и во неговата моќ, повторно ѝ одговори турчинка Самија- Санка, овој пат со посериозен тон. „Верувам затоа што преку попот јас се запознав со мојата најголема љубов!“, подвикна.
-Најголема љубов? Не сопругот?, зачудено се подисправи сѐ пољубопитната Занка. „Кој беше тој, не си ми кажала?“
-Нема ни да ти кажам. Тоа е мојата вечна тајна од младоста, рече малку остро, ама в час омекна. „Мојот прв човек, поради тоа јас со мојот сопруг никогаш немав убав брак, кога виде дека јас не сум била мома- девица, кога се омажив за него, дека веќе претходно сум станала жена. Поради децата и да нема срам останавме заедно, ама што дека, не живеевме. Нели знаеш кај нас Турците какви се адетите“.
-Каде се среќававте со љубовта?, го подврати наназад муабетот Зорка- Занка.
-Хаа!, на Санка ѝ заискрија очите. „Јас и Розе одевме горе на ливадата, а тие доаѓаа со другар му, со фудбалска топка, ко божем ќе играат фудбал, а потоа со часови си лежевме на тревата заедно. Една вечер се распоредивме двајца по двајца, и...“, замолча.
-Но, Санка, не си ми кажала никогаш ништо. Дали тоа беше кога одевте со Розе на берење цвеќиња, а нас не нѐ земавте со лага дека одите многу горе кон коријата, каде сте виделе и волци, за да не дојдеме со вас?
- Е, да, тогаш. Убаво се сети. Така ве лажевме вас другите другарки за да не доаѓате со нас. Колку години да имавме? Па, некои 15-16 години. Веќе бевме во средно. Не, не, нема за тоа да зборуваме. Еве го попот доаѓа, ѝ ја отвори вратата ширум.
-Влези попче. Добровечер! Занка и јас сме сами. Доаѓам да ја посетам и да ѝ се најдам, другарки сме еве од „онцкави“, му покажа со раката наведнувајќи се до колена. "Нејзините деца живеат во Шведска, во едно гратче блиску до моите. Мажени, женети, со дечиња, средени... Но не се гледаат меѓусебе, ако ние двете толку блиски", му објасни сѐ во неколку збора и веднаш го послужи со слатко. Позборуваа. Попот замина само што ја испеа својата кратка молитва.
И тие двете, сега некако, со нетрпение очекуваа да си оди, сега веќе многу повеќе отколку што го очекуваа да дојде. Го продолжија муабетот, Занка целосно исправена во постелата.
-Како се запознавте со твојата најголема љубов? Кој би можел да биде тоа, хм?
-Е тоа се случи, онаа вечер кога вие го поздравувавте попот со „ооооо, добровечер попе лукав“ и сите ве напаѓаа поради тоа, цело друштво, само Миле ве бранеше и рече дека вие сте во право што му се смеете во лице на тој арамија, и им рече кога ќе видат поп за да не ги бие малер машките треба да се фатат за ја*ца, женските пак за метално копче. Не знам зошто такво мислење владее кај вас Македонците?! Таа вечер носев левтерно едноделно летно фустанче, и уплашена од помислата дека поради попот ќе ме фати малер се затрчав да фатам метално копче од некого. Се свртив и го видов дека тој тогаш поминуваше по патчето кон паркчето. Во секунда го фатив за металното копче од фармерките, покриено со неговата рокерска маичка, и некако несакајќи го гушнав. Така почна, од попот, а заврши со...ха!, се издиша.
-И само затоа ти веруваш во чудотворната моќ на попот?, зачудено праша Занка.
-Ова е мој живот, и јас имам право на кој начин ќе се поврзувам со световноста, одговори Самија. "Уште малку и 60 години ќе полниме, не сме деца. Знаеме и ние по нешто, нели? Не, не, и тој е човек, кој прави големи и исти гревови како сите нас другите, но самата помисла дека те поврзува со нешто возвишено те тера да чувствуваш како да си покрај свој заштитник. Самото присуство на попот ти дава самодоверба, или пак можеби мене само така ми се чини", рече како да се брани и ѝ се насолзија очите и издивна:
-Ах. Колку моќ има во едно духовно лице, без разлика како си ја врши попската работа, само јас знам, додаде Санка за крај.
Прозорците беа замаглени од нивното забрзано дишење во малечкото собче. Од возбуденото дишење. Двете задишано молчеа половина час, кога Санка наеднаш стана и се затрча кон дома.
-Чекај малку! Не се венчав со него, но ми остана малото крстче кое ми го даде тој, попот лукав, кому му се смеевте, кога на крајот на тоа лето отидовме кај него јас и тој, мојата љубов, за да нѐ венча тајно. Не нѐ венча, нѐ врати, мали сме биле, не смеело без кум и не смеело без родители и сведоци, а и јас не сум била православна, дека муслиманка, сум морала прво да се крстам. Ми даде мало крстче за среќа, уште го чувам. Ќе ти го дадам за да оздравиш. Ќе ти раскажам сѐ, чекај! И, излета низ врата.
Кога се врати, сфати дека тоа беше нејзината последна средба со Занка. Санка ѝ го стави крстчето во рака на својата сѐ уште топла другарка, и ја гушна цврсто. Со тоа како да се поздрави и со неа, со својата најголема љубов и со својата тајна. Но, почувствува како да се поврза со световноста, за вечно! Како, и самата Занка со вечноста!

Валентина Ѓоргиевска Парго