Еднаш дневно: РАЗДЕЛБИ

224
Доаѓаш сам на овој свет, сам и ќе си одиш! Можеме да и пркосиме на оваа вистина, да и се посмееме, да ја заклучиме во темен долап, да ја подзаборавиме, се додека нејзината силина е вечна, нема простор за никаква дискусија.
Сите ние, еден суден ден, со поздрав или без, ќе се разделиме од се она што сме имале, створиле, сме сакале и ни било најблиско на овој свет. Понатаму, никој не знае да каже ни со трошка точна претпоставка каде одиме, независно што има разни теории, прикаски, илузии, нагаѓања. Моќта на човекот завршува во моментот кога ќе ја направи својата крајна разделба. И заминува во непознатото.
Во меѓувреме, средбите и разделите ќе бидат составен дел од човечкиот живот. Навидум случајни, ама тоа е привидно, се е добро изрежирано на разни нивоа, познати и многу непознати за човекот.
Луѓето ги сретнуваме случајно, тие потоа стануваат дел од нас. Не остануваат вечно. Со некои се поздравуваме после кратко, со некои после подолго време, со некои судбински, со некои програмирано кога нас однатре ќе ни дојави некој сигнал дека е време за “адио”.
Тоа може да биде поради некоја долго одлежана работа, долга и по две, три, па и повеќе децении. Збор, дело, повреда предизвикани со постапка, нешто што било привремено затаено, привремено простено, тргнато настрана. А и некоја голема вистина што сте ја имале во себе со години, но таа личност ви значела, сте ја љубеле, не сте имале храброст да ја напуштите, или сте мислеле ќе го надминете тоа.
Може долго долго да се правите и да глумите дека не ја знаете некоја работа и дека не сте ја забележале. И доаѓа момент кога токму таа сама ќе бликне наеднаш како гејзер и ќе ве натера на разделба. Да си одите од таа личност. Во таков момент не се двоумете, нема веќе што да пресметувате. Се е пресметано и израмнето. Сите убави моменти кои сте ги поминале заедно, сета љубов која сте ја дале, енергија, помош, во тој момент се израмнува и останува зад вас. Сместена во спомените.
Може да заболат некои разделби, ако сте сакале никогаш да не се случат. Ако не сте ги планирале, и ако многу сте верувале на ликот спроти вас. Но животот е плетенка во која често ќе заплетат и некои нови вистини, ќе се вплетат во вашето сознание и дополнително ќе одлучите за таа разделба.
Непријатно е чувството на неочекувано дознаена вистина, таа ја забрзува разделбата.
Никогаш немојте да ги прашувате луѓето кои се сакале и почитувале зошто се разделиле. Тие никогаш нема да ви кажат точно. Ќе најдат свој изговор, лага, ќе најдат начин да не ве информираат. Ако некој вас ви изгледа за жртва (или победник) според она што вие го знаете за тие луѓе, во реалност може да не е така.
Ако некои разделби ви изгледаат како “гром од ведро небо” ни тука не сте во право, долго биле осмислувани и се чекало момент. Се си има свој процес, не е за секунда. Ако нечии разделби ви изгледаат како несфатливи, за вас се несфатливи, за нив не се. А, може и некои разделби да ви изгледаат како штетни, а да им донесат корист на тие што се разделиле. И обратно.
Но, како и да се земе, без причина разделба нема, и што и да направи човек, разделбата е последниот чин од неговиот живот, кој не може да се избегне.
Нашата задача е да бидеме внимателни, да внимаваме да дојде до што помалку разделби со оние кои го прават нашиот живот среќен, весел, ведар, исполнет, а за тоа е потребно искреност.
Средбите се случајни, а најчесто сами го трасираме патот до разделбите, затоа ако личноста ви значи мора и мора многу да се внимава како постапуваме и пред и по неа, затоа што кога- тогаш секоја вистина, и најтајна и најмистериозна, и најдобро чувана, и невидлива, излегува на површина и таа станува причина за нашето оддалечување и заминување… И за нашата разделба.
До видување!
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.